Најмалку 155 полицајци се повредени во нередите кои ги предизвикаа навивачите на натпреварот меѓу Динамо Берлин и Енерџи Котбус во германската Регионална лига, соопшти берлинската полиција.
Полицијата соопшти дека при вдишување на солзавец испукан од полицијата за да се спречат немирите се повредени 43 градски и 73 федерални полицајци, телесно се повредени 28 федерални полицајци, а 11 од нив се здобиле со рани од пиротехнички средства.
„Билд“ наведува дека се уапсени 74 навивачи, а против 62 е поднесена кривична пријава, меѓу другото, за „нарушување на редот, физички напади врз органите на редот и давање отпор при апсење“.
Натпреварот беше прекинат во 20. минута поради тепачка на трибините, при што навивачите на Динамо запалија шалови и знамиња со симболите на ривалскиот тим.
Енерџи Котбус победи со 2:0, а судирите меѓу навивачите продолжија и по натпреварот. Котбус остана лидер во поредокот на две кола пред крајот, со два бода повеќе од најблискиот ривал Грајсвалдер, со големи шанси за враќање во третата лига.