Висок севернокорејски генерал е ранет во неодамнешниот украински ракетен напад „Strom shadow“ врз рускиот регион Курск, објави Wall Street Journal (WSJ), цитирајќи неименуван западен претставник.
Преставникот не ја прецизираше тежината на повредата.
Весникот наведува дека тоа е првпат западен функционер да потврди дека висок севернокорејски воен функционер бил повреден во војната меѓу Украина и Русија.
Украински и западни претставници изјавија за новинарите дека украинските сили во средата истрелале најмалку 10 британски проектили „Storm Shadow“ врз регионот Курск.
Подоцна се покажа дека ракетите го погодиле штабот во кој се наоѓале руските и севернокорејските генерали, пренесе Униан.
Американските власти тврдат дека повеќе од 10.000 севернокорејски војници се распоредени во регионот Курск.
Американскиот претседател Џозеф Бајден и дозволи на Украина да ги користи американските ракети АТАКМС за да изврши напади врз цели длабоко во Русија, објавија медиумите во неделата.
Американските власти соопштија дека одлуката е донесена како одговор на одлуката на Москва да побара поддршка од севернокорејските војници.