Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибига денеска пристигна во Романија во прва посета на странство по преземањето на функцијата на 5 септември, објавија украинските медиуми.
-Министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибига, започна разговори лице в лице со неговата романска колешка Луминика Одобеску во Букурешт за време на неговата прва меѓународна посета на Романија, напиша украинското Министерство за надворешни работи на Телеграм.
Претходно, Министерството информираше дека министерот ќе ја оствари својата прва регионална турнеја во соседните земји, која ќе започне со работна посета на Романија.
Клучни теми на разговорите во Букурешт ќе бидат постојаната поддршка за одбранбените капацитети на Украина и енергетската стабилност, напредокот на патот кон влез во Европската унија и НАТО, спроведувањето на формулата за мир, безбедноста во Црното Море и заштитата на легитимните правата и интересите на украинските граѓани во Романија.
-Изборот на Романија за прва меѓународна посета испраќа сигнал дека Украина е посветена на градење на конструктивна, предвидлива и заемно корисна добрососедска политика, која е од стратешко значење во контекст на пристапувањето на Украина во ЕУ и НАТО, соопшти украинското Министерство за надворешни работи.