Малолетникот кој пред неколку дена во основно училиште во Велес давеше соученик кој заврши на Клиниката за неврохирургија со скршеница на черепот, не може кривично да одговара бидејќи е помал од 18 години. Во расчистување на инцидентот се вклучи и велешката полиција и обвинителство, но какви мерки ќе има за дванаесетгодишниот седмоодделенец ќе одредат социјалните служби.
-Во однос на настанот во Велес, велешкото обвинителство е известено веднаш по настанот. Се преземаат дејствија и се обезбедува медицинската документација. Меѓутоа, со оглед на неговата возраст, детето кое го сторило делото не е кривично одговорно согласно македонското законодавство. Од тие причини, по целосно документирање на настанот, евентуалните мерки ќе ги одредат социјалните служби – велат од Обвинителството за „<a href="https://www.slobodenpecat.mk/sedmooddelenecot-koj-daveshe-souchenik-ne-mozhe-krivichno-da-odgovara-iako-zhrtvata-zavrshi-so-skrshenica-na-glavata/">Слободен печат“</a>.
Какви мерки ќе преземе Центарот за социјални работи не се знае.
Инцидентот што ја вознемири велешката, но и цела македонска јавност се случи на 20 ноември на мал одмор во училиштето „Блаже Конески“ кое во градот важи за „елитно“.
Според информациите од родители на деца кои учат во ова одделение, двете деца се скарале меѓу себе, па едното дете почнало да го дави својот соученик.
Детето жртва почнало да губи воздух од силното давање, изгубило свест и паднало на подот. При падот се ја удрило главата и почнало да му тече крв. Веднаш била повикана Брза помош, а детето од велешката болница било пренесено на Клиниката за неврохирургија во Скопје.
Случајот веднаш бил пријавен во полиција.
Фото: Илустрација