Новата апликација за дозвола за оружје која што на граѓаните им е достапна на националниот портал за услуги е резултат на борбата против корупцијата и на добрата соработка со Министерството за внатрешни работи, рече министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во денешното гостување во утринската програма на МРТВ. Со новата апликација, додаде тој, побрзо и полесно се добива дозвола за оружје.
– Преку новата апликација за оружје, целосно е променет процесот во МВР. Наместо прво да плаќате за обука за поседување на оружје, па потоа да полагате, па да извадите лекарско уверение и да аплицирате, сега постапката е обратна. Сега прво аплицирате преку порталот uslugi.gov.mk, потоа МВР прави проверка дали сте подобни да поседувате оружје, а потоа ја поминувате постапката на лекарско уверение, тренинг и полагање. На овој начин, граѓаните ќе имаат помалку трошоци и нема да бидат во неизвесност со месеци, дали ќе добијат или нема да добијат соодветна дозвола – рече министерот Андоновски.
Тој додаде дека оваа услуга е многу корисна за членовите на ловечки друштва, бидејќи им се забрзува времето за даобивање на дозволата.
Андоновски информираше и дека расте бројот на електронски услуги, односно граѓаните почнале повеќе да ги користат.
– Бројката на поднесени барања е зголемена на околу 6.000 барања во овој месец. Граѓаните го препознаваат порталот uslugi.gov.mk и почнуваат да ги користат услугите. Инаку, кога дојдовме во министертсвото имавме 125 услуги достапни на порталот, а сега бројката е околу 200 услуги на порталот. Нашиот таргет за следната година е да имаме уште 100 услуги на порталот – рече Андоновски.
Министерот додаде и дека е во постапка е законот за сајбер безбедност, со што ќе се заштити државата од сајбер напади.
– Ние сме единствена држава од регионот која што нема закон за сајбер безбедност. Законот е во изработка. Националната стратегија веќе е во владина процедура и очекувам до крајот на годината да биде донесена, а законот на почетокот на 2025 година. Тој закон целосно ќе биде во согласнот со регулативата на ЕУ за сајбер безбедност и ќе ни даде точни одредници каде да се движиме во наредниот период – рече министерот Андоновски.