Општина Гази Баба е прогласена за најинклузивна општина во Република Македонија, соопшти градоначалникот Бобан Стефковски и откри дека признанието доаѓа по целосната реализација на проектот „Инклузија на деца со посебни образовни потреби“ кој општина Гази Баба успешно го реализираше заедно со Детската фондација Песталоци и Здружението „Отворете ги прозорците“.
- Ова признание доаѓа како резултат на посветена работа и реализација на проекти, програми и активности со цел целосна инклузија на децата со посебни образовни потреби. Среќен сум, што нашата заложба за обезбедување еднаков пристап до образование за сите деца од општината се спроведува во пракса, а доказ за тоа е ова признание, напиша Стефковски на социјалните мрежи.
Изминатиот период, општина Гази Баба реализираше повеќе проекти во оваа насока. Беа отворени сензорни соби во ООУ Дане Крапчев во Ченто и ООУ Наум Наумовски Борче во Маџари, а дополнително се отвори катче во ООУ Стив Наумов во Автокоманда.