Тивка и непозната пандемија на фалсификување лекови, која одзема стотици илјади животи, го зафати светот, изјави за РТС Павле Зелиќ од Агенцијата за лекови и медицински помагала на Србија.
Тој посочува дека лековите купени на нелегални пазари содржат и отров за глувци, антифриз и прашок од тули, а последиците можат да бидат смртоносни. Безбедни се само лековите од аптеките – останатите се ризик, нагласува Зелиќ.
Секој втор лек купен на Интернет е лажен, според Светската здравствена организација. Минатогодишната заработка на нелегалниот пазар достигна 431 милијарда евра, соопшти СЗО.
Павле Зелиќ, гостин во Дневникот на РТС, рече дека на последниот состанок на кој присуствувал, СЗО ја презентирала информацијата дека годишно умираат 700.000 луѓе поради неефикасноста на лек, кој најчесто се добива на нелегалниот пазар.
„Денес се фалсификуваат лекови за најтешките болести, како што е ракот. Криминалците кои работат на глобално ниво ги здружија силите и се обидуваат да ги инфилтрираат лековите во легалните синџири на снабдување“, нагласува Зелиќ.
Според него, Србија била успешна во заштитата на синџирите на снабдување.
„Се проценува дека помалку од еден процент од европскиот пазар е загаден со фалсификувани лекови. Ние веруваме дека нашиот синџир на снабдување е заштитен. Загрижени сме што пациентите набавуваат лекови на нелегален пазар, како што се Интернет и социјалните мрежи и се изложени на ризик да примат токсичен лек“, вели Зелиќ.
Тој посочува дека во Србија најчесто се фалсификуваат лекови за еректилна дисфункција, кои често се добиваат на црно.
„Пациентите се срамат да влезат во аптека. Тоа не е никакво оправдување. Оштетувањето на бубрезите и црниот дроб, како нуспојави, се вообичаени. Доколку некој добие сомнителни лекови, нека пријави во Агенцијата за лекови“, предупредува Зелиќ.
Зелиќ вели дека е многу тешко да се препознае дали лекот е фалсификуван и дека може да се утврди само со лабораториски анализи.
„Педесет проценти од лековите на Интернет се лажни, а 96 проценти од продажните места се извори на такви лекови. Лекот во аптеката е безбеден, но постои ризик надвор од нив. Потенцијалните опасности се - од отсуство на ефект , што може да доведе до нечија смрт, до токсични состојки Има отров за глувци, антифриз и прашок од тули“, заклучува Зелиќ.