„Руската страна ги предупреди Американците за лансирањето на Орешник преку Рускиот национален центар за намалување на нуклеарниот ризик, кој работи автоматски и одржува постојана комуникација со сличен систем во Соединетите Американски Држави“, изјави Песков за <a href="https://tass.ru/politika/22467645">ТАСС.</a>
„Предупредувањето беше испратено во автоматски режим 30 минути пред лансирањето“, појасни тој.
Претставникот на Кремљ објасни дека руската страна не ја информирала американската страна за лансирањето на Орешник во согласност со договорите и во согласност со режимот за информирање за лансирање на интерконтинентални балистички ракети, бидејќи Орешник не е интерконтинентална стратешка ракета.
„Ова е оружје со среден дострел“, истакна прес-секретарот на рускиот лидер.
<b>И Путин се огласи</b>
Владимир Путин објави дека Русија тестирала нова ракета со среден дострел во денешниот напад на Украина и предупреди дека Москва може да ја искористи против земјите кои му дозволиле на Киев да ги користи нивните ракети за да ја нападне Русија.
Во своето обраќање до нацијата, Путин рече дека денешниот руски напад врз Украина е одговор на овонеделните украински напади на руска територија со американски и британски ракети.
Путин ја нарече грешка одлуката на САД за еднострано уништување на Договорот за нуклеарни сили со среден дострел. Тој исто така нагласи дека Русија има право да користи оружје против воени цели на оние земји кои го користат своето оружје против руски цели.
Путин истакна дека во случај на понатамошна употреба на ракети како Орешник како одмазднички мерки на територијата на Украина, Руската Федерација однапред ќе им понуди на цивилите и на граѓаните на пријателските земји да ги напуштат опасните зони.
Тој предупреди дека американските системи за противвоздушна одбрана нема да можат да ги пресретнат тие руски ракети.
Претходно денеска Киев објави дека Русија употребила интерконтинентална балистичка ракета (ИЦБМ) во нападот утринава врз украинскиот град Дњепар.
Сепак, неименувани американски официјални лица изјавија дека првичната американска анализа покажала дека Русија користела балистичка ракета со среден дострел, а не интерконтинентална балистичка ракета во тој напад.
Локалните власти соопштија дека во нападот на Дњепар се ранети две лица и дека се оштетени индустриски објект и центар за рехабилитација за инвалиди.
Нападот на Дњепар се случи во една недела во која тензиите постојано се зголемуваа, бидејќи САД ги намалија ограничувањата за употребата на американски ракети со поголем дострел од Украина во нападите на руска територија, додека Путин го намали прагот за употреба на нуклеарно оружје.