Фондацијата „Бугарска меморија“ обезбеди уште една голема
донација за потребите на граѓаните на општина Пустец, модуларна болница за брза
помош опремена со целиот неопходен мебел и опрема, клупи за селата од регионот,
копир апарати и принтери за потребите на администрацијата на општината, објави
албанската државна агенција АТА.
Во присуство на претседател Милен Врабевски и претставници
на фондацијата, како и амбасадорот на Бугарија, Ивајло Киров, примопредавањето
на донацијата било во селото Голобочани, каде ќе биде поставена модуларната
болница.
– Модуларната болница ќе обезбеди соодветни услови за
прегледи и добивање соодветна терапија, поради кои жителите на селото во
моментов се принудени да патуваат до Пустец или Долна Горица. Со тоа ќе се
овозможи и присуство на медицински персонал во Глобочани. Донираните клупи ќе
бидат поставени во центрите на селата во општината, наведува агенцијата.
Апаратите за копирање и печатење ќе се користат во
реновираната зграда на општина Пустец и се продолжение на донацијата на
„Бугарска меморија“ направена во текот на април годинава. Тогаш беа донирани
мебел и компјутерска опрема за потребите на општинската администрација, односно
вкупно 25 компјутери, 25 монитори, 44 канцелариски маси, столчиња и друго.
– Да, денеска добивме нова донација од споменатата
фондација. Ние сме мала, сиромашна општина. Секоја донација е добредојдена,
доколку нема никаква политичка или друга заднина, рече кусо за МИА,
градоначалникот Пали Колефски.
АТА потсетува дека во 2023 година, повторно со иницијатива и
финансирање на „Бугарска меморија“,екипа специјалисти-кардиолози престојувала
во Пустец пружајќи бесплатни прегледи на жителите на деветте села во општината
а неколку месеци подоцна, бугарската фондација донирала медицинска опрема и
потрошен материјал во Здравствениот дом во Пустец. Фондацијата во 2020 година
донирала амбулантно и противпожарно возило и џип за општина Пустец.