"Вашингтон во моментов разгледува нови имиња со македонски државјани кои би се нашле на т.н црна листа на САД," <a href="https://kurir.mk/vesti/makedonija/ageler-sad-kje-ja-dopolni-crna-lista/">вели</a> американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер. По последното проширување на црната листа кое се случи во март годинава, Агелер рече дека одлука на Стејт департментот е кога ќе објави нови имиња.
"Листата е многу динамична. Секогаш има имиња кои се разгледуваат и за нив се дискутира. Јас не располагам со рокови бидејќи тоа е одлука на Вашингтон, но можам да ве уверам дека и во моментов додека зборуваме, одреден број на имиња се разгледуваат. Како и секогаш ние работиме на додавање на нови имиња и ќе осигураме да ве известиме кога тоа ќе се случи," рече таа.
Во врска со одлуката на Антикорупциска која и денеска повтори дека именувањето на членовите на Судскиот совет, Антоанета Димовска и Ханиф Зендели, како и претседателката на Советот на ЈО Душица Димитриеска, за нови членови на УП на Академијата за судии и јавни обвинители, не е во согласност со законите, Агелер порача дека сите наводи и сугестии треба внимателно да се разгледаат.
"Ги немам сите детали во врска со тоа. Но знам дека е критично важно дека овие наводи, коментари и сугестии треба внимателно да се разгледаат, и искрено да бидат разгледани на начин да јавноста добие објаснувања околу тоа кои прашањата се поставуваат и зошто и кои се мотивите зад тие истраги," изјави Агелер.
Агелер присуствуваше на првата Конференција организирана од Амбасадата на САД во Скопје во соработка со Меѓународното биро за наркотици и спроведување на законот од каде најави формирање на нова правосудна мрежа за борба против корупцијата.