Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

Расте бројот на жртвите во поплавите во Бразил- најмалку 57 загинати, 67 исчезнати (ВИДЕО)

4 мај 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

Цивилната заштита на Рио Гранде до Сул соопшти дека 67 лица се уште се водат како исчезнати, додека повеќе од 32.000 луѓе се раселени поради невремето, кое зафати речиси две третини од 497-те градови во државата, која граничи со Уругвај и Аргентина.

Поплавите уништија патишта и мостови во повеќе региони во земјата. Невремето предизвика и лизгање на земјиштето и делумно уривање на брана во мала хидроцентрала. Друга брана во градот Бенто Гонкалвес исто така е во опасност од уривање, соопштија властите.

Во Порто Алегре, главниот град на Рио Гранде до Сул, езерото Гуаиба се излеа, поплавувајќи ги улиците. Меѓународниот аеродром во Порто Алегре ги укина сите летови на неодредено време.

Во следните 36 часа се очекуваат врнежи од дожд во северните и североисточните предели на државата, но количината на врнежи се намалува и би требало да биде далеку под врвот забележан претходно оваа недела, соопшти државната метеоролошка служба.

Сепак, „нивото на водата во реките треба да остане високо неколку дена“, изјави денеска гувернерот Едуардо Леите во видеото на неговите социјални мрежи, додавајќи дека е тешко да се каже колку долго.

Рио Гранде до Сул се наоѓа на географската точка меѓу тропската и поларната атмосфера, што создава метеоролошка шема со периоди на интензивен дожд и други со суша.

Локалните научници веруваат дека оваа шема се интензивира поради климатските промени.

Обилните дождови веќе го погодија Рио Гранде до Сул во септември минатата година, кога екстратропски циклон предизвика поплави во кои загинаа повеќе од 50 луѓе. Ова се случи по повеќе од две години постојана суша поради феноменот Ла Ниња, со само слаби дождови.

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ