Разговорите кои беа најавени како нов дипломатски исчекор меѓу двете земји требаше да се фокусираат на меморандумот за разбирање потпишан од двете страни, а кој отвори рок од 60 дена за постигнување на траен договор, за иранската нуклеарна програма и отворањето на Ормускиот теснец. Според најавите, американската делегација требаше да ја предводи потпретседателот Венс, кој доцна синоќа од Вашингтон порача дека очекува разговорите сепак да се одржат викендов. За прв пат по потпишувањето на меморандумот, преку пишана изјава прочитана на иранската државна телевизија се огласи и Ајатолахот Моџтаба Хамнеи кој нагласи дека Техеран чека исполнување на договорените услови.
-Планирам да одам во Швајцарија не знам точно кога, мислевме дека овие технички преговори ќе започнат викендов. Тоа е сè уште планот, но тоа може да се промени затоа што Иран не е земја од која може лесно да се излезе и затоа, се обидуваме да откриеме точно кога тоа ќе се случи. Претпоставувам дека овој викенд (би имало средба), но не сум сигурен. - Џеј Ди Венс – Потпретседател на САД
-Ако американската страна сака да прави претерани барања, ние нема да бидеме оптоварени со меморандумот. Од овој момент ние чекаме исполнување на договорените услови. Очигледно е дека директните преговори што ќе бидат одржани во иднина нема да значат дека го прифаќаме мислењето на непријателот.- Моџтаба Хамнеи – Ајатолах
Меморандумот предвидува сеопфатен прекин на непријателствата во регионот, вклучително и во Либан, но не содржи експлицитна одредба за повлекување на израелската армија. Израелскиот премиер Нетанјаху повтори дека целта е создавање на безбедносна зона во Либан, додека официјален Вашингон повика да се почитува мировниот процес.
-Израелците, исто како и сите други, мора да го почитуваат овој мировен процес кој е фундаментално добар за нив и за целиот регион. Она што претседателот понекогаш го фрустрира е тоа што се чини дека сме на прагот на голем пробив за постигнување на договор, а потоа одеднаш се случува некоја голема експлозија во Бејрут и многу луѓе кои немаат никаква врска со Хезболах ги губат животите. Тоа не е прифатливо.- Џеј Ди Венс – Потпретседател на САД
-Ќе ја вратиме безбедноста и просперитетот кај заедниците на северот. За тоа е потребно да одржуваме безбедносна зона во јужен Либан. За таа цел поребно е да не си заминеме од таму се додека безбедносна на Израел го бара тоа.- Бенјамин Нетанјаху – Премиер на Израел
Дека постигнувањето на конечен договор се уште е неизвесно, смета и францускиот претседате Макрон.
-Кој победи во оваа војна, господине претседателе? Не мислам дека можеме да кажеме дека војната е целосно завршена. Со години знаеме за оваа ситуација. Никој не сака Иран да се здобие со нуклеарна бомба, најмалку Франција.- Емануел Макрон – Претседател на Франција
Документот кој пред два дена го потпишаа Трамп и Пезешкјан покрај итен прекин на непријателствата,предвидува и укинување на поморските блокади, пристап на Иран до светските пазари, ослободување на замрзнатите средства и 300 милијарди долари за обнова на Иран.

