Фудбалската репрезентација на Египет беше принудена да направи значајни промени на своите дресови за Светското првенство, откако ФИФА пресуди дека не им е дозволено да ги носат седумте ѕвезди, кои ги симболизираат рекордните седум титули на тимот на Африканскиот куп на нации. Тие традиционално се прикажани над грбот на земјата и станаа иконски на дресот на „фараоните“.
ФИФА изјави дека овој симбол треба да се отстрани. Светската фудбалска централа, исто така, побара промени на златните букви што се користат за пишување на имињата на играчите, како и на нумерирањето на играчите. Египетската федерација одлучи целосно да го замени златниот дизајн што традиционално го користат, со цел да се усогласи со официјалните прописи. Одлуките предизвикаа дебата на локално ниво меѓу навивачите на „фараоните“, при што многумина од нив изразија негативен став кон желбата на ФИФА да ги отстрани, особено, седумте ѕвезди, кои се симбол на гордост за локалните навивачи.

