Самит на НАТО во Анкара: Европа го засилува вооружувањето, Украина останува во фокусот

7.07.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Самит на НАТО во Анкара: Европа го засилува вооружувањето, Украина останува во фокусот

Пораката како што посочи генералниот секретар на Алијансата Руте е дека потребна е модернизација на одбранбените капацитети, во време кога заканите стануваат се покомплексни и понепредвидливи. Алијансата како што оцени тој е на чекор кон трансатлантска одбранбена револуција, чија цел како што нагласи е колективната безбедност на земјите-членки. На овој начин според него, НАТО сака да го засили европското производство на оружје, да ја забрза испораката на воена опрема и да ја зацврсти одбранбената индустриска соработка меѓу Европа и северна Америка.  

-Денеска, ние сме на чекор кон трансатлантска одбранбена индустриска револуција. Ве повикувам да направите скок и да им покажеме на нашите луѓе дека сме подготвени и способни да ги одбраниме секаде и во секое време, и да и покажеме на Русија и на сите тие кои гледаат денес дека трансатлантската одбранбена индустриска база се мобилизира со цел. Не во знак на гнев, туку за нашата колективна безбедност,- - Марк Руте – Генерален Секретар на НАТО.

Македонската делегација на самитот ја предводи претседателката Сиљановска Давкова, а со неа се шефот на дипломатијата Муцунски и министерот за одбрана Мисајловски кој на социјалните мрежи информираше дека потпишал заедничко писмо за намери за приклучување кон мултинационалната соработка за обука за летање во Европа. Попладнево во турската престолнина пристигна и американскиот претседател Трамп кој според најавите доаѓа со делегација од околу 1.400 лица. Очекувањата се Трамп во Анкара да ја отвори темата за финансирањето на алијансата, состојбата со Ормускиот теснец и војната во Украина. Токму на таа тема, генералниот секретар на НАТО Руте и украинскиот претседател Зеленски кој е присутен на самитот, побараа зголемен притисок кон Русија.

-Кога ги набројувам сите проблеми со кои Русија се соочува, еден од најважните е тоа што им го правите на нивната економија која е во многу лоша состојба во Русија. Можеби една порака која би ја повторил, ако сте млад човек во Русија денеска и размислувате да се придружите на војската, вие може да сте еден од тие 30 илјади кои загинуваат овој месец, следниот месец и тој потоа, знаете дека вашиот претседател во Русија, Владимир Путин е подготвен да ве жртвува,- - Марк Руте – Генерален Секретар на НАТО.

-Ја гледаме слабоста на Русија, ја чувствуваме, но тоа не е доволно. Потребен ни е поголем притисок, повеќе балистички ракети и повеќе санкции кон Русија,- - Володимир Зеленски – Претседател на Украина.

Во завршната декларација по самитот, според најавите се очекува Русија да биде означена како долгорочна закана за евроатлантската безбедност и стабилност, како и повторената заложба дека Иран не смее да поседува нуклеарно оружје.  Дополнително, се очекува да биде упатен и повик до Техеран да ја почитува слободата на пловидба низ Ормускиот теснец.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата