Црковната историја знае за многу чуда што се случуваат преку светите икони, од античко време до денес. Во исто време, во Црквата има многу откриени слики (односно, чудесно стекнати од Божјата Промисла), а нивниот изглед е обележан со чуда.
Чудотворните икони се посебни свети икони во христијанската традиција, главно во православието, кои се почитуваат поради тоа што се верува дека преку нив се извршиле чудеса. Тие не се само уметнички дела, туку се сметаат за жива врска со Бога, Пресвета Богородица или некој светец, и имаат посебна духовна моќ.
Во православното христијанство, иконите се сметаат за „прозорец кон небесното“, преку кој верниците можат да се поврзат со светите. Кога некоја икона се смета за чудотворна, верниците ја гледаат како посредник на Божјата благодат и милост. Важно да се знае дека иконите како изобразување на свети личности и нивната почит се важен дел од православната вера. „Обичните икони“ се средства за молитва и духовна врска, и имаат голема вредност. Но, „чудотворните икони“ се исклучителни по тоа што се верува дека преку нив се јавува Божја сила на посебен, видлив начин.
Чудотворните икони се препознава по:
v Чудеса. Преку иконата се случуваат исцелувања, избавувања од опасности, молитви што се слушаат, или други надприродни настани.
v Необичните феномени: Некои икони можат „да плачат“ (да испуштаат солзи или масло), да крвоточат, да се осветлуваат, да се движат или да покажуваат други знаци.
v Историски сведоштва. Постојат записи или усно предание дека одредена икона е поврзана со чудотворни настани.
Не секоја икона е чудотворна. Обично, за да една икона биде призната како чудотворна, треба да постојат јасни и потврдени сведоштва за чудеса поврзани со неа, и тоа признание доаѓа од црковни авторитети или од големата вера на народот.
Како Црквата го признава чудотворството на икона?
1. Појавување на чудеса:
- Прво, преку иконата се случуваат необични настани или чудеса, како исцелувања, избавувања од опасности, плачење на иконата (испуштање солзи, масло, крвоточење), или други натприродни знаци.
- Тие настани мора да бидат сведочени од повеќе луѓе, честопати од различни верници, што ја зголемува веродостојноста.
2. Истражување и документирање:
- Црковните власти (свештеници, епископи) спроведуваат истражување. Тие собираат сведоштва од луѓето кои биле сведоци или искусиле чудо преку иконата.
- Се проверуваат и сите други околности за да се исклучат природни објаснувања.
3. Духовна и богословска оценка:
- Црковните водачи (собор на епископи, синод) ги разгледуваат наодите и прават богословска проценка дали настаните се во согласност со православната вера и традиција.
- Во оваа фаза, се бара потврда дека чудата навистина потекнуваат од Божјата благодат, а не од други извори.
4. Официјална одлука:
- Ако истрагата е позитивна, Црквата може да издаде официјално признание дека иконата е чудотворна.
- Понекогаш, за тоа се одржуваат свечени молитвени служби или канонизации на иконата.
5. Почитување и проширување на славата:
- По признанието, иконата се носи во цркви каде се организираат поклонички служби.
- Верниците се повикуваат да доаѓаат на молитва и да бараат помош преку иконата.
- Се воведуваат посебни празници или спомени за почитување на чудотворната икона.
Зошто е ова важно?
- Црквата сака да биде сигурна дека чудотворството не е измама, предрасуда или обична суета.
- Целта е да се заштити верата и да се зачува духовниот живот на верниците.
- Признати чудотворни икони стануваат духовно светилиште и извор на обнова и сила за верниот народ.
Како се пристапува кон чудотворните икони?
- Поклонување. Верниците им пристапуваат со голема почит, се прекрстуваат, бакнуваат, ги допираат иконите и ги принесуваат свои лични молитви. Многу луѓе одат на поклонички места каде се наоѓаат чудотворни икони. Но, треба да се направи разлика од поклоничко патување до шетање и туристички посети. Православниот верник би требало кога оди на поклоничко патување достоинствено да се однесува во духот на православната традиција, да ја посети светињата со тоа што ќе се надогради во неговиот живот во Христа за спасение, со срдечна молитва да се обрати кон Христа и светителот како Негов посредник и ќе се одговори според Христовите зборови „Молете и ќе добиете; барајте и ќе најдете; почукајте и ќе ви биде отворено, бидејќи, секој што моли - ќе добие; оној што бара - ќе најде; на оној што чука - ќе му биде отворено. Има ли меѓу вас некој, кој на својот син би му дал камен, ако тој моли за леб? Или да му подаде змија, ако тој моли за риба!? Па, кога вие, коишто сте грешни, знаете да им давате добри подароци на своите деца - колку повеќе и подобри нешта ќе добие од својот небесен Татко оној што ќе Го замоли!“ (Мат. 7: 7-11)
- Молитви. Верниците пред чудотворните икони се молат со свои зборови, разговараат со Спасителот, Богородица или светителот изобразен на иконата, излевајќи ги своите чувства и потреби за здравје, помош во тешки ситуации, заштита и духовна сила. Читаат акатисти , тропари и молитви од молитвениците. Може да побараат од свештено лице да им прочита молитва пред чудотворната икона. Верниците треба добро да се запознаат со православното предание и кои се суштествените значенија на сѐ во Православието. Свештеникот, при ракополагањето во свештенички чин добива благодат за извршување на светите тајни, така да тој може да посредува во молитвата пред Господа, но тој не ги прави чудата или исполнувањата на желби, туку тоа го дарува Спасителот Господ. Многу верници драматично ги презентираат своите или туѓите искуства, така што во претераното искажување на нивните импресии се излегува од рамките на православното предание, се занемарува Божјата помош, и воопшто Бога, и на свештените лица им пристапуваат како на магионичари или чудотворци, живи светители поставувајќи ги во своето срце на Божествениот престол и влегувајќи во идолопоклонство. За жал тоа го пренесуваат и на други луѓе, кои се поноови во верата или луѓе кои имаат мака. Тој однос е многу погрешен, опасен и погубителен и за верникот кој влегува во идолопоклонство и за свештеното лице. Треба да знаеме дека Премилостивиот Бог е Тој што ни дава по нашата вера и сѐ што е потребно за наше спасение, не е тоа иконата и свештеното лице. Тие се само посредници, патишта до целта, додека целта е Бога и обожувањето.