Соединетите Држави и Панама работат на договор со кој на бродовите на американската морнарица ќе им се овозможи слободен и приоритетен пристап до Панамскиот канал, изјави американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет за време на вчерашната посета на оваа централноамериканска земја.
Министерот за Панамскиот канал Хозе Рамон Иказа рече дека, иако неговата земја не може законски да додели посебни права за премин на ниту една земја, двете земји разговараат за механизам за „компензација за услугите“.
Разговорите доаѓаат администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да го намали она што го гледа како растечко кинеско влијание во каналот – изјава што Панама ја отфрли. Трамп постојано тврдеше дека водениот пат треба да се врати под контрола на САД, пренесе ДПА.
Хегсет рече дека САД се решени да го обезбедат Панамскиот канал од „злобното влијание на Кина“ за време на заедничката прес-конференција со министерот за јавна безбедност на Панама Франк Абрего.
На новинарско прашање дали САД го признаваат суверенитетот на Панама над каналот, Хегсет рече дека Вашингтон ја поздравува можноста да има зголемено присуство на војници во земјата заедно со панамските сили за да помогне во обезбедувањето на суверенитетот на каналот.
- Ние секако разбираме дека Панамскиот канал е во Панама. Заштитата на панамскиот суверенитет од малигни влијанија е важна, поради што, кога претседателот Трамп вели дека го враќаме Панамскиот канал од кинеското влијание, тоа вклучува партнерство со САД и Панама, рече Хегсет.
И двете влади се согласија да ја зајакнат воената соработка, рекоа министрите.
Панамскиот канал беше изграден од САД на почетокот на 20 век, но суверенитетот над зоната на каналот беше целосно вратен на Панама на крајот на 1999 година.