Во операцијата за соборување на 19 беспилотни летала, колку што го нарушиле воздушниот простор, биле вклучени полски и холандски ловци Еф-16 и Еф-35 и италијански авиони за извидување Авакс, додека четири аеродроми, вклучително и варшавскиот беа затворени за сообраќај.
-Полскиот воздушен простор беше нарушен од огромен број руски дронови. Дроновите кои беа директна закана се соборени. Ова е прв пат да бидат соборени руски дронови на територија на земја- членка на НАТО. Сите наши сојузници ситуацијата ја сфаќаат многу сериозно. , изјави Доналд Туск, премиер на Полска
Дел од дроновите биле соборени, но дел од остатоците сепак завршиле врз куќи во регионот на Лублин и Вирики во источна Полска, но нема повредени. Властите соопштија дека досега се пронајдени 10-ина беспилотни летала, а медиумите објавија снимки од еден, кој според некои извештаи, бил наводно дизајниран во Кина.
Полска најави активирање на членот 4 на НАТО, кој предвидува итни консултации меѓу членките ако биде загрозена нечија безбедност, но не ги обврзува на конкретен воен одговор како член 5. Првиот човек на Алијансата порача Путин да запре со агресијата.
-Она што е јасно е дека синоќешните нарушувања не се изолиран инцидент.
Сојузниците се одлучни да го бранат секој инч од сојузничката територија.
Внимателно ќе ја следиме ситуацијата по должината на источното крило, а нашата воздушна одбрана е во постојана готовност. , изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
По повеќечасовен молк, се огласи руското министерство за одбрана, од каде потврдија дека руски дронови нападнале цели во Украина, но дека не било планирано мета да биде Полска со оглед дека нивните летала имале домет од 700 километри.
Членот 4 на НАТО досега бил активиран седум пати, Последен пат пред три години, кога четири членки на НАТО, полска, Естонија, Летонија и Литванија повикаа на консултации за руската инвазија во Украина.