Копенхашките критериуми во минатото овозможија многу успешно проширување на ЕУ и процесот на прием на нови членки треба да продолжи да се гради врз нив, бидејќи владеењето на правото и демократската отпорност се клучни за кредибилен процес на проширување, порача денеска еврокомесарката за проширување Марта Кос.
- Нашата Унија е отворена и тие врати ќе останат отворени за оние кои целосно, праведно и транспарентно ќе ги исполнат Копенхашките критериуми, истакна Кос на заедничката прес-конференција со данската министерка за европски прашања Мари Бјере и еврокомесарот за демократија, правда и владеење на правото Мајкл Мекграт по завршувањето на неформалниот состанок на министрите за европски прашања на членките на ЕУ и на кандидатите за членство во Копенхаген.
Кос додаде дека ако ЕУ сака да стане посилна ќе мора процесот на проширување да го базира на заслуги и на објективниот напредок постигнат од секоја земја кандидатка, при што приемот на секоја од нив ќе зависи од темпото на спроведување на реформите, нагласувајќи дека во случајот на земјава „штом Владата ќе го промени Уставот“ ќе може да продолжи нејзиниот пристапен процес.
Таа нагласи дека на средбата разговорите се фокусирале на тоа како проширувањето ја зајакнува безбедноста на Европа и на условите за успешно спроведување на реформи за членство, со цел граѓаните на идните земји членки да ги почувствуваат придобивките од ЕУ уште пред зачленувањето на нивните земји во Унијата.
- Проширувањето некако се вплетка во геополитичкиот натпревар помеѓу слободните демократски општества, од една и авторитарните режими, од друга страна, рече Кос, додавајќи дека проширувањето не е само прием на нови членки, туку станува збор за обединување на Европа, со што ќе се овозможиме безбедност на сите и стабилност за целиот континент.
Кос истакна дека на состанокот се разговарало и за начините за напредок во преговорите за пристапување и покрај „билатералните загрижености на некои земји членки околу преговарачките рамки и одлуките на Советот“.
- Во овој поглед, Комисијата веќе поедностави одредени чекори во пристапните преговори во рамките на ограничувањата на методологијата за пристапување, но секако е отворена и за понатамошни подобрувања, под услов за тоа да се добие согласност од Советот, рече Кос.
Таа се осврна и на денеска објавените резултати од истражувањето на Евробарометар за проширувањето, нагласувајќи дека загриженост околу безбедноста по избувнувањето на војната во Украина резултирала со растечкиот тренд на јавна поддршка за пристапниот процес.
- Проширувањето е стратешка инвестиција во стабилна, демократска и конкурентна Европа со придобивки за сите граѓани и тоа придонесува за мир, просперитет и пообединет континент, додаде Кос.
Сепак, според неа, паралелно со проширувањето мора да се работи и на подготовка на ЕУ за приемот на нови членки.
- Проширувањето и подготвеноста за ЕУ се ист проект... Тоа е двојна патека, и проширување и подготовка, во исто време. Со тоа што ги унапредуваме заедно, го заштитуваме кредибилитетот на процесот, ја задржуваме јавната поддршка на наша страна и ја правиме Европа посилна, побезбедна и поконкурентна, заклучи Кос.
Данската министерка Мари Бјере, од своја страна изјави дека живееме во предизвикувачки времиња кога руската агресија врз Украина и новите политички ветрови што дуваат од САД го прават процесот на проширување поважен од кога било досега.
- Тоа е новата релевантност на проширувањето, кое доби нов импулс. Треба да продолжиме со проширувањето. Тоа не е само нешто што е релевантно. Тоа е геополитичка неопходност затоа што ни треба посилна и побезбедна ЕУ, која е способна да се одбрани, а проширувањето е од суштинско значење за тоа, истакна Бјере.
Таа нагласи дека на министерскиот состанок не се разговарало за специфичните преговори на секоја од земјите кандидати за членство, туку била одржана постратешка дискусија за проширувањето и како тој процес да се забрза, а сепак да се задржи пристапот базиран на заслуги согласно Копенхашките критериуми.
- Иако Копенхашките критериуми се стари повеќе од 30 години, тие се уште се многу релевантни. Исто така, тие се релевантни и за постојните земји членки. Почитувањето на Копенхашките критериуми и фундаменталните вредности е она што не прави силни и атрактивни, па затоа денеска разговаравме и за тоа како можеме да го зајакнеме почитувањето на владеењето на правото во рамките на ЕУ, рече Бјере.
Данската министерка истакна и дека на состанокот станало збор и за потребата од внатрешни реформи во ЕУ за нејзино подготвување за проширувањето и за справување со предизвиците.
- Многу сум охрабрена од широкиот консензус што го видов за оваа стратешка насока на ЕУ и затоа сум голем оптимист, додаде Бјере.