Рускиот претседател и севернокорејскиот лидер патуваа заедно во службениот автомобил на Путин за разговорите, се посочува во објава на Кремљ на апликацијата „Телеграм“.
На почетокот од средбата, Путин му се заблагодари на Ким за придонесот на Северна Кореја во „борбата против неонацизмот“, објави ТАСС.
Тој се осврна на помошта на севернокорејската армија во потиснувањето на украинските војници кои го нападнаа рускиот регион Курск во август минатата година.
- На Ваша иницијатива, како што е добро познато, вашите специјални сили учествуваа во ослободувањето на регионот Курск. Вашите војници се бореа храбро и херојски, му рече рускиот претседател на севернокорејскиот лидер.
- Би сакал да напоменам дека никогаш нема да ги заборавиме жртвите што ги направија вашите вооружени сили и семејствата на вашите војници. Во име на рускиот народ, би сакал да Ви се заблагодарам за вашето учество во заедничката борба, му рече Путин на Ким.
Подготвен сум да направам „сè што можам за да ѝ помогнам“ на Русија, рече севернокорејскиот лидер како одговор, според државната новинска агенција КЦНА.
Тој истакна дека соработката меѓу Пјонгјанг и Москва значително се зголемила откако потпишаа договор за партнерство во јуни минатата година.