Галатасарај се согласил да плати оштета од 75 милиони евра за нигерискиот голгетер Виктор Осимен (26), но трансферот сè уште не е финализиран бидејќи Наполи бара банкарски гаранции од турскиот клуб дека ќе може целосно да ја исплати договорената сума, пренесуваат италијанските медиуми.
Првичната понуда на Галатасарај изнесувала 60 милиони евра, но Наполи ја одбил. Во вторникот, потпретседателот на истанбулскиот клуб Абдулах Кавукџу отпатувал во Италија и се согласил да ја плати бараната сума од 75 милиони евра. Сега Наполи очекува Галатасарај да приложи банкарски гаранции и план за исплата на трансферот.
Осимен треба да потпише четиригодишен договор со турскиот клуб, според кој ќе заработува 16 милиони евра по сезона, велат италијанските медиуми.
Одби да игра за Наполи, па замина во Галатасарај
Осимен минатото лето замина на позајмица во Галатасарај откако одби да игра за Наполи. Во турскиот клуб минатата сезона постигна 37 голови и додаде осум асистенции, предводејќи го клубот до двојна круна. По крајот на сезоната мораше да се врати во Наполи, кој сега е приморан да го продаде бидејќи неговиот договор истекува во јуни следната година.
Нигерискиот репрезентативец беше најскапото засилување на Наполи, кој во летото 2020 година плати 79 милиони евра отштета на француски Лил за него. Го предводеше Наполи до шампионската титула во Италија во сезоната 2022/23, кога постигна 31 гол и пет асистенции во сите натпреварувања. Вкупно за Наполи одигра 133 натпревари, постигна 76 голови и запиша 18 асистенции.