Унгарија го почитува суверенитетот на земјите од Западен Балкан, изјави министерот Сијарто

5.08.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Унгарија го почитува суверенитетот на земјите од Западен Балкан, изјави министерот Сијарто

Унгарската влада го почитува суверенитетот на земјите од Западен Балкан и ги поддржува нивните демократски избрани лидери, вклучувајќи го и претседателот на босанските Срби, Милорад Додик, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, цитиран од националната новинска агенција МТИ.

Сијарто по средбата со Додик изјави дека Европа денес се соочува со разни безбедносни закани и кризи кои го загрозуваат целиот континент.

„Очигледно, овие денови најмногу зборуваме за Украина и војната таму, но Западниот Балкан е тука во непосредна близина. Ние, Унгарците, сме целосно свесни за разликата во однос на безбедноста на континентот во врска со тоа дали на Западен Балкан има мир или не“, посочи унгарскиот министер.

Тој рече дека токму затоа Унгарија е заинтересирана за мир на Западниот Балкан.

„Ова бара од сите да го почитуваат суверенитетот на земјите од Западен Балкан, да ги почитуваат одлуките на народите од Западен Балкан и нивните демократски избрани лидери“, додаде Сијарто.

Тој истакна дека историјата покажала дека „ништо добро не произлегува“ од надворешно мешање во работите на регионот.

„Босна и Херцеговина е исто така ранлива на такво надворешно мешање, бидејќи неизбрано лице делегирано однадвор од земјата има право да донесува одлуки што можат да ги погазат демократските процеси. За жал, оваа ситуација во последниот период не помогна во однос на стабилноста“, рече Сијарто.

Министерот го нагласи почитувањето на Унгарија на суверенитетот на земјите од Западен Балкан и нивните народи, вклучително и Босна и Херцеговина.

„Затоа, сите треба да ги почитуваат одлуките на српското население во Босна и Херцеговина кога станува збор за избор на свој лидер. Погазувањето на демократските процеси во Западен Балкан преку надворешно мешање е секогаш опасно и злонамерно“, додаде Сијарто.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата