Речиси два месеци австриската полиција интензивно трага по српската државјанка Маријана М.(44), која е обвинета за милионска измама. Се сомневаат дека со години се претставувала како шаманка и се нудела да им помогне на болните во замена за големи суми пари. Бројот на измамени од Маријана М. од ден на ден расте, а австриската полиција досега добила околу 140 дојави за тоа каде наводно се крие, но Маријана сепак успева да ја избегне полициската потера.
Инспекторите на Државната криминалистичка полиција досега идентификувале 13 жртви на Маријана и се обидуваат да докажат дека осомничената извршила тешка измама и на тој начин прибавила околу 2,2 милиони евра.
По откривањето на измамата, полицијата во Австрија го уапсила поранешниот сопруг на Маријана М., како и нејзината снаа. Роднината на Маријана е уапсена на имот во Долна Австрија поради сомневање дека и таа лажела и мамела луѓе дека поседува исцелителна моќ, а за тие услуги добивала пари, накит и дукати.
- Ова е еден од најголемите случаи на измама што некогаш ги открила Државната криминалистичка полиција на Долна Австрија. Додека се уште нема трага од 44-годишната главната осомничена Маријана М., која себеси се нарекува „шаманка“ и се вели дека работела под името „Амела“, уапсени се двајца нејзини соучесници - пишуваше тогаш еден од порталите во Австрија.
При апсењето полицијата извршила упад на имотот на осомничените и запленила докази.
- Во кесите се пронајдени 65 килограми сребрени монети, како и 60.000 евра готовина, златен накит, луксузни часовници. Пронајден е и гасен пиштол и околу 700 чаури, се вели во текстот.
Маријана М., која покрај српското има и австриско државјанство, е на бараната листа на Интерпол во Австрија поради сомнение дека претставувајќи се како шаман, украла повеќе од 10.000 евра во готовина, накит и часовници од неколку познати семејства од Швајцарија, Германија и Австрија. Таа им приоѓала на жртвите пред лекарските ординации и ги нудела своите услуги, кои главно се засновале на шамански ритуали, исцелување од болести и се фалела дека може да предвиди одредени ситуации.
- Полициските истражители го лоцираа станот во кој престојувала Маријана М. во Модлинг. При детален претрес запленет е сеф во кој имало накит, злато, скапи часовници и пари во вредност од неколку милиони евра. Покрај 4,1 милиони евра во готовина, во сефот имало и 2,1 милион швајцарски франци, 5.100 американски долари и 500 германски марки - изјавил за локалните портали извор од истрагата.