Силниот и обилен дожд и невремето што попладнево ги зафати Кикладските острови во Егејското море предизвика поплави и проблеми, а најпогоден е островот Парос, каде што улиците се претворија во реки, а од бројот 112 за итни случаи беше испратена порака до жителите и посетителите дека е забранет сообраќајот на возила, со исклучок на оние за итни случаи, јави дописничката на МИА од Атина.
Според видеата објавени на социјалните мрежи, поројот на поплавените улици повлече паркирани автомобили.
Градоначалникот на Парос, Костас Бизас за грчката телевизија ЕРТ рече дека невремето започна околу 15 часот и предизвика проблеми на повеќе патни мрежи, а најпогоден е градот Науса каде што се излеала реката, но и потенцираше дека за среќа нема повредени граѓани.
Откако беше испратена пораката од 112 за забрана за движење на возила и од општина Парос преку соопштение ги повикаа жителите и посетителите на островот, „поради опасните временски појави што го зафатија островот, како и големите штети што се предизвикани на патната мрежа, да не се сообраќаат по патната мрежа“.
- Оштетувањата на патната мрежа опфаќаат одрони, поплави и уривања на делови од мрежата, што го прави сообраќајот опасен. Општината во соработка со надлежните служби прави максимални напори за справување со вонредната состојба. Се молат сите жители и посетители на островот да ги следат упатствата на надлежните органи, соопштија од општината.
Според грчките медиуми, од Атина и од соседниот остров Наксос на Парос се испраќаат пожарникари за да помогнат во справување со последиците од невремето.
Проблеми, но од помали размери имаше и на островот Сирос.
Кусо пред почетокот на невремето беше испратена порака до жителите на Кикладските острови дека до утре наутро се очекуваат интензивни временски појави, им препорачаа да бидат внимателни во движењата и да ги следат упатствата на надлежните.