Збирка монети од над 90 милиони евра оди на серија наддавања

28.03.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Збирка монети од над 90 милиони евра оди на серија наддавања

Се верува дека ова е најскапата колекција ситни пари што некогаш била на наддавање, а ќе се продава следните три години. Така, првото наддавање на британската аукциска куќа „Нумизматика арс класика“ (Numismatica Ars Classica) ќе се одржи на 20 мај годинава.

Без оглед на исходот, приказната за потеклото на оваа вредна збирка, според познавачите, е извонредна.

Имено, голем дел од паричките биле закопани под земја повеќе од 50 години. Збирката содржи ситни пари од повеќе од 100 земји ширум светот, со старост од антиката до совремието. Наследниците претпочитаат да останат анонимни. Според соопштението на аукционерите, првичниот колекционер, кого јавноста сѐ уште не го знае со име, почнал да купува златни пари по падот на Волстрит и „Големата депресија“ во 1929 година. Човекот и неговата сопруга ги минале 1930-тите на долги патувања низ Америка и Европа, собирајќи ретки и историски значајни монети, истовремено составувајќи подробни записи и архива за нивните купувања.

Парот на крајот зел живеалиште во Европа, и покрај заканата од наци-фашизмот на Стариот Континент. Кога колекционерот, веројатно ја почувствувал опасноста непосредно, внимателно ги спакувал паричките во кутии од пури, па потоа - во алуминиумски кутии и ги закопал во земја, каде што останале скоро 50 години.

„Колекцијата ги опфаќа сите географски области и содржи исклучително ретки монети, често во состојба на зачувана невидена во ова време. Неколку видови никогаш не биле понудени на јавна аукција, што ја нагласува нивната значајна реткост“, се вели во соопштението.

Кога збирката им припаднала на наследниците на колекционерот, монетите биле сметени во банкарски трезор и потоа ѝ биле претставени на аукциската куќа заради продажба.

Записите на колекционерот му олеснија на тимот на аукциската куќа да го истражи потеклото и вредноста на монетите, од коишто некои може се појавиле и на некои од најголемите наддавања во 19. и 20 век.

- Големиот избор и врвниот квалитет на понудените монети, големиот број на големи реткости и фасцинантната приказна за создавањето на колекцијата, ќе го направат ова наддавање пресвртница во историјата на нумизматиката, изјави Артуро Русо, директор на „Нумизматика“.

Дејвид Гест, инаку консултант за колекцијата, се согласува.

- Кога се работеше за каталогизирање на британските монети од „Колекцијата на патникот“, морав постојано „да си ја штипкам кожата“, за да се уверам дека не сонувам... Не само што квалитетот е исклучителен, туку и многу од паричките пред мене беа од таков вид за коишто не беше познато дека се понудени на продажба повеќе од 80 години, а во некои случаи и целосно досега неснимени, нагласи Гест.

Меѓу позначајните е златникот од 100 дукати на Фердинанд Трети Хабсбуршки, којшто бил кован во 1629 година, кога тој бил надвојвода на Австрија, крал на Унгарија, Хрватска и Бохемија, се вели во соопштението. Составен од 348,5 грама чисто злато, тоа е еден од најголемите апоени на европски златни монети некогаш исковани.

Има и златник на чијшто раб е испишано „Георгиус III деј Грата“ (Georgius III dei Gratia). Се однеува на британскиот крал Џорџ Трети (кој владеел од 1760. до 1820 година), а паричката е проценета на 315.000 евра.

Презентиран е и „исклучително редок“ сет од пет Томани, кован во Техеран и Персија кон крајот на 18. и почетокот на 19 век од агата Мохамад Кан Каџар. Познати се само пет вакви збирки, од коишто една се наоѓа и во Оксфорд, Обединетото Кралство. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата