Имено, искреноста е така длабоко вкоренета во холандското општество што зборот „beskrivelsebaarheid“, што се преведува и објаснува како „способност да се зборува за сè, да се каже сè и отворено да се разговара“, пишува „Пункуфер“ (Punkufer .hr).
Соговорничката на Би-би-си, Олга Мекинг го открива своето искуство и првата средба со искрен Холанѓанец во познатиот градски „Вонделпарк“.
- Мислев дека можеби тоа беше ефектот од тоа што тој зборуваше англиски, или оти има лош ден, но сепак бев шокирана кога мојот учител по холандски подоцна ми објасни дека Холанѓаните се многу директни - и никаде луѓето не се толку директни како во Амстердам, вели Мекинг.
Нејзиниот сопруг Бен Коутс е автор на книгата „Зошто Холанѓаните се различни?“, и еден од оние кои се преселиле од Обединетото Кралство во Холандија. Тој со примери докажува дека Холанѓаните не глумат.
- Во Британија, луѓето обично комуницираат и се однесуваат на начин што не им пречи на другите. Тие не зборуваат премногу гласно во воз, ниту пуштаат гласна музика во нивниот стан, но во Холандија, постои непишано правило дека луѓето имаат право да кажат што сакаат и да бидат директни. А, ако некој се навреди од тоа - тоа не е нивен проблем, вели Коутс.
Многу странци сметаат дека ова однесување е грубо, дури и арогантно.
- Ме фатија еднаш во продавница кога намирниците ми испаднаа од раце и на подот. За неколку секунди, најмалку 10 Холанѓани ме опколија - и сите ми даваа совети што да правам, но никој не ми помогна. За мене случајот беше јасен - ми требаше помош. Но, бидејќи јас не го побарав тоа експлицитно, Холанѓаните разбраа дека не ми треба, додава Олга.
Директноста и крајната отвореност се прифатени во Холандија, а тоа се гледа и по тоа што на прозорците нема завеси, па секој може да ѕирне во нивните куќи и станови.
Концептот на личните работи е сосем поинаков отколку во многу други земји, па на Холанѓаните не им е проблем и јавно да разговараат за интимни теми. Луѓето без комплекси ќе зборуваат и за своите здравствени проблеми, развод или љубовниот живот - во преполн ресторан или кафуле. Тие не гледаат причина да го кријат тоа. Отворено се разговара и за дрога, проституција и евтаназија... Но, сепак, има работи коишто не се на дневен ред.
Ретко ќе слушнете, на пр., како Холанѓаните зборуваат за плати, пензии, големината на нивниот автомобил или стан.
Честопати, туѓинците се жалат дека Холанѓаните немаат емпатија. Не се знае дали тоа е вистина или не - но јасно е дека во Холандија вистината и буквалноста преовладуваат над чувствата.