Штрајк на контролорите на летање во Париз, воздушниот сообраќај намален за 40 проценти

3.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Штрајк на контролорите на летање во Париз, воздушниот сообраќај намален за 40 проценти

 Авиокомпаниите ќе бидат принудени да откажат 40 проценти од летовите што полетуваат или пристигнуваат на аеродромите Шарл де Гол и Орли во Париз утре, еден ден пред почетокот на летните одмори, поради штрајк на контролорите на летање, објави Француската генерална дирекција за цивилно воздухопловство (ДГАЦ).

Овие административни мерки се построги од оние што се во сила денеска, првиот ден од протестот, кога ќе бидат откажани една четвртина од летовите на париските аеродроми, објавува француската телевизија БФМ.

На Ница, третиот по големина аеродром во Франција, половина од закажаните летови ќе бидат откажани в петок, како што е и денеска.

Аеродромот Бове, познат по своите нискобуџетни летови, исто така ќе мора да го намали бројот на летови за 40 проценти, се вели во соопштението на ДГАЦ.

Покрај Ница, особено ќе биде погоден и југот на Франција, бидејќи компаниите ќе мора да откажат 30 проценти од своите летови во Лион, Марсеј, Монпелје, како и на корзиканските аеродроми.

Сообраќајот беше сериозно нарушен денеска на париските аеродроми и во јужна Франција откако два синдикати на контролори на летање повикаа на штрајк поради условите за работа.

Министерот за транспорт Филип Табаро вчера одби да ги прифати барањата на синдикатот, кои ги опиша како „малцински“ и „неприфатливи“, како и одлуката за одржување на штрајкот токму кога започнува сезоната на летни одмори. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата