Неговото име е длабоко врежано во духовниот и културниот идентитет на овој простор, а неговиот манастир на брегот на Охридското Езеро и денес собира аџии од целиот регион.
Овој празник го одбележува денот на преносот на моштите на Свети Наум, кои се наоѓаат во манастирот што самиот го основал.
Ученик на Кирил и Методиј
Ученик на Светите Методиј и Кирил и еден од Петточислениците коишто најревносно соработуваа со овие словенски Апостоли. Свети Наум патуваше во Рим, каде што се прослави со чудотворна моќ и со голема ученост. Знаеше многу јазици. Со помош на царот Борис Михаил, по враќањето од Рим тие се населија на бреговите на Охридското Езеро. Додека свети Климент дејствуваше како епископ во Охрид, дотогаш свети Наум основаше манастир на јужниот брег на езерото. Тој манастир и денес го краси брегот како што и името на свети Наум ја краси историјата на словенското христијанство и низ вековите беше извор на чудотворна сила и засолниште за болните и за неволните. Околу свети Наум се насобра мноштво монаси од сите страни на Балканот.
Беше мудар учител, единствен раководител на монасите, одлучен подвижник, чудотворен молитвеник и духовник. Неуморно се трудеше и на преведувањето на Светото Писмо и на другите црковни книги од грчки на словенски јазик. Вршеше чуда и за време на животот и после смртта. Неговите чудотворни мошти до ден денес восхитуваат со многубројни чуда, посебно со исцеленијата од тешки болести, особено од лудило. Се упокои во првата половина на 10 век.
Чудотворец и духовен заштитник
Според преданијата, Свети Наум поседувал дар за исцелување – особено на душевни и ментални болести. Верниците веруваат дека таа моќ не престанала со неговата смрт. Моштите на Свети Наум и денес привлекуваат болни и оние што бараат утеха, исцелување и сила преку верата и молитвата.
Манастирот што го подигнал бил прибежиште за монаси и страдалници, а Свети Наум работел и на превод на Светото писмо и црковните списи од грчки на словенски, со што трајно влијаел врз развојот на словенската писменост.
Празник што обединува
Празникот на Свети Наум традиционално се одбележува со голем собир во манастирот. Верници, но и луѓе од други вероисповеди, се собираат во надеж за исцелување и духовна обнова. Интересен е настанот од 1926 година, кога еден муслиман од Ресен, благодарен за оздравувањето на својот брат, му подарил ѕвоно на манастирот – во знак на почит кон светителот.
Срце што и понатаму чука
Посебен дел од локалната традиција претставува верувањето дека, ако увото се прислони на гробот на Свети Наум, можат да се слушнат отчукувањата на неговото срце. Иако овој феномен научно не е потврден, длабоко е присутен во народната вера како знак на неговото вечно присуство.
Манастирот на Свети Наум, основан во 905 година, и понатаму е едно од најважните духовни средишта на Балканот. Посетителите го доживуваат како место на молитва, надеж и духовно будење.
Заветот на Свети Наум: четири чекори до спасението
Свети Наум оставил краток, но силен духовен завет: „Пробудување, покајание, очистување и причестување.“