Што навистина претпочитаат мажите на апликациите за запознавање?

22.07.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Што навистина претпочитаат мажите на апликациите за запознавање?

Избирањето вистински фотографии за апликациите за запознавање може да биде вистинска мака - дали е подобро „селфи“ од теретана или некоја атрактивна од летен одмор? Тука е и пишувањето „биографија“ која треба да биде духовита и шармантна, но не и нападна.

Откако ќе завршите сè, останува прашањето: дали ова е тоа што го бара другата личност? Фрустрацијата произлегува од фактот што повеќето луѓе навистина не знаат што сакаат потенцијалните партнери. Мажите често претпоставуваат дека жените паѓаат на статус и импресивни фотографии, додека жените пак мислат дека на мажите им е најважен физичкиот изглед.

Но, премостувањето на јазот помеѓу перцепцијата и реалноста не е толку тешко, и со неколку корисни упатства, можете да го претворите вашиот профил во магнет за вистинските луѓе, пишува Matchmaking Company.

Многу мажи на профилите за запознавање со цел да се претстават како „добра прилика“ го истакнуваат успехот во кариерата, финансиската стабилност, па поставуваат фотографии што го докажуваат статусот, на пример, скапи автомобили или егзотични патувања.

Други веруваат дека глумењето воздржаност и таинственост делува неодоливо, трети на профилот ставаат список со пожелни особини кај „совршената жена“, а има и такви кај кои профилите изобилуваат со шеги и духовити досетки за да докажат дека се забавни.

Сепак, реалноста е поинаква. Жените генерално претпочитаат јасни и пријателски фотографии на кои мажите изгледаат пристапно и уредно, и на кои јасно се гледа нивното лице, без очила за сонце на секоја слика.

Иако групните фотографии не се проблем, тие не треба да доминираат во профилот. Тие многу повеќе ги ценат знаците на емоционална отвореност, зрелост и посветеност. Дури и едноставно споменување на важноста на комуникацијата или семејството може да остави силен впечаток.

Тие исто така сакаат да видат хобија и интереси што ја откриваат личноста, без разлика дали станува збор за готвење, планинарење или читање. Добро напишан профил со целосни реченици и без правописни грешки сигнализира труд и интелигенција, додека генеричките и брзо напишаните профили се одбивни. Освен тоа, жените ја ценат самодовербата, но не и ароганцијата или пренагласувањето на материјалниот успех.

Накратко, додека мажите често ја преценуваат важноста на статусот и хуморот, жените всушност бараат некој што е искрен, емоционално достапен и некој со кого можат да замислат квалитетно поминато време.

Што мислат жените дека мажите сакаат и што навистина сакаат

Сличен јаз помеѓу перцепцијата и реалноста постои кај жените кои бараат мажи на апликациите за запознавање.

Многу жени веруваат дека мажите го ценат беспрекорниот изглед, па се трудат да објават совршено осветлени, професионални или филтрирани фотографии.

Исто така, постои перцепција дека мажите најмногу се привлечни од провокативни или претерано секси фотографии, или истакнувањето долг список на хобија и интереси, додека други мислат дека мора да бидат исклучително духовити или ексцентрични. Честа заблуда е и тоа дека треба да се нагласи успехот во кариерата за да се претстават како успешни и независни.

Од друга страна, мажите многу почесто преферираат автентични фотографии на кои жените изгледаат пристапно, среќно и природно.

Спонтаната насмевка е често попривлечна од наместена и обработена фотографија. Мажите ги привлекуваат профили што зрачат со позитивност и алудираат на активности во кои би можеле да ги уживаат заедно. Наместо профили што откриваат сè, подобро е да се остави печат на мистерија што ќе предизвика љубопитност и ќе ги наведе да започнат разговор.

Мажите сакаат да се поврзат со вистинската личност, па затоа профилите што делуваат искрено им се многу попривлечни од оние што оставаат впечаток дека личноста премногу се труди. На крајот, тие бараат знаци на компатибилност и слични вредности - понекогаш е доволно да се спомене љубовта кон семејството, домашните миленици или заедничките цели, како патувањето.

Автентичноста е клучна

На крајот на краиштата, најуспешните профили на апликациите за запознавање имаат едно заедничко нешто: автентичноста. Без разлика дали сте маж или жена, целта не е да импресионирате, туку да се поврзете. Јасните и пристапни фотографии, рамнотежата помеѓу личните детали и дозата мистерија, искрениот тон секогаш ќе се издвојуваат повеќе од премногу дотераните обиди да се создаде „совршен“ профил.

Вашиот профил е вашиот прв впечаток. Користете го за да ја претставите најдобрата верзија од себе - онаа што е самоуверена, емоционално отворена и подготвена да запознава личности. Заборавете на притисокот да бидете совршени и фокусирајте се да бидете автентични. Тоа е она што предизвикува интерес што може да доведе до нешто важно.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата