Оваа област, со големина на Белгија, се наоѓа длабоко во внатрешноста на континентот, далеку од брегот и лежи под повеќе од 1,5 километри мраз.
„Временска капсула“
Користејќи сателитски податоци и радар што продира во мразот, истражувачите заклучија дека овој заборавен свет некогаш бил „ишаран“ со реки, покриен со шуми, па дури и со палми!
Некои докази постоеле и претходно, како што е поленот од палми откриен покрај брегот на Антарктикот, што укажува на некогаш буен, зелен пејзаж, објавува Дејли Меил.
Се проценува дека целата област покрива повеќе од 31.000 квадратни километри, приближно со големина на американската држава Мериленд.
„Како да се најде во временска капсула“, рече професорот Стјуарт Џејмисон, главен автор на студијата од Универзитетот Дарам.
Поголема енигма од Марс
Во дамнешно време, како што континентите се поместувале, Антарктикот постепено се поместувал кон Јужниот Пол. Оваа промена предизвикала формирање на силна океанска струја околу континентот, изолирајќи го од потоплите води.
Во исто време, концентрацијата на јаглерод диоксид во атмосферата почнала да се намалува, што довело до глобално ладење. Комбинацијата од овие фактори предизвикала формирање на масивни ледени покривки, претворајќи го Антарктикот во „замрзната пустина“ каква што е денес.
„Земјиштето под антарктичкиот леден покрив на исток е помалку познато од површината на Марс“, нагласил Џејмисон.
Тој додал дека тимот истражува мал дел од скриениот пејзаж за да дознае повеќе за неговата еволуција, но и за историјата на самиот леден покрив.
Зачудувачки пејзаж
Студијата открила драматичен пејзаж под мразот, со импозантни гребени и длабоки долини кои останале заробени милиони години. Идентификувани се три блока на издигнато земјиште, со димензии помеѓу 120 и 170 километри и ширина до 85 километри. Овие области се одделени со долини широки до 40 километри, кои се спуштаат до 1.200 метри длабочина.
„Неверојатно е што овој пејзаж, скриен со векови, може да ни каже толку многу за раната и долгорочната историја на Источниот антарктички леден покрив“, рече професорот Нил Рос, геофизичар на Универзитетот во Њукасл и коавтор на студијата.
Откритието, исто така, дава увид во тоа како ледениот покрив би можел да се однесува во иднина, поради климатските промени. Користејќи сателитски снимки, научниците откриле суптилни „испакнатини“ на површината, а потоа користеле компјутерски модели за да реконструираат како пејзажот се менувал со текот на времето.
„Она што го гледаме е древна површина на земјиштето која не е еродирана од мраз - изгледа како да била обликувана од реки пред да пристигне мразот“, објасни професорот Џејмисон.
Научниците предупредуваат
Во тоа време, регионот веројатно бил полн со реки и густи шуми кои напредувале во умерена клима. Иако околниот мраз делумно се стопил во текот на потоплите периоди, никогаш не исчезнал доволно за да го открие заробениот пејзаж.
Научниците предупредуваат дека ако глобалното затоплување продолжи, делови од ледениот покрив би можеле повторно да се повлечат. Сепак, за да се стигне до овој древен свет, потребно е да се пробие низ повеќе од еден и пол километар мраз, што бара огромни инвестиции и време.
„Ќе продолжиме да истражуваме и да ги пополнуваме празнините таму каде што немаме податоци, бидејќи сакаме подобро да разбереме како ледената покривка и подземниот свет под неа се менувале во текот на нивната долга историја“, рече Џејмисон.