Решението може да биде многу едноставно - капсули од рибино масло. Имено, омега-3 масните киселини, познати по нивното позитивно влијание врз менталното и физичкото здравје, би можеле значително да го намалат агресивното однесување, открива една голема студија од 2024 година, пишува ScienceAlert.
Омега-3 масните киселини и претходно се поврзуваа со превенција на шизофренија, а познато е дека агресијата и антисоцијалното однесување делумно се резултат на лошата исхрана, бидејќи храната што ја внесуваме директно влијае на хемијата на нашиот мозок.
Што покажа големата анализа?
Надоврзувајќи се на претходните, помали студии, научниците од Универзитетот во Пенсилванија спровеле обемна мета-анализа. Тие проучувале резултати од 29 контролирани истражувања во кои учествувале вкупно 3.918 лица. Анализата открила скромен, но статистички значаен краткорочен ефект. Додавањето на омега-3 масни киселини ја намалила агресијата за дури 28 проценти, без оглед на возраста, полот, постојните дијагнози или времетраењето и дозата на третманот.
Неврокриминологот Адриан Рејн, коментирајќи ги резултатите, изјавил: „Мислам дека е време да се започне со употреба на суплементи со омега-3 масни киселини за намалување на агресијата, без разлика дали се работи за општа популација, клиничка средина или правосуден систем.“
Ефект врз секаков облик агресија
Истражувањата вклучени во анализата, спроведени помеѓу 1996 и 2024 година, траеле во просек 16 недели и вклучувале широк спектар на учесници - од деца под 16 години до луѓе над 50 години. Она што е особено важно е дека намалувањето е забележано и кај реактивната агресија, што е одговор на провокација, и кај проактивната, однапред планираната агресија. Пред оваа студија, не беше јасно дали омега-3 масните киселини дејствуваат на двата вида.
Иако се потребни повеќе долгорочни истражувања за да се потврди оваа релација, студијата значително придонесува за нашето разбирање на придобивките од рибиното масло за мозокот. Научниците веруваат дека омега-3 помагаат во регулирање на агресијата така што ги намалуваат воспалителните процеси и ги поддржуваат клучните функции на мозокот.
Совет од стручните лица и дополнителни придобивки
„Родителите кои бараат помош за агресивно дете треба да знаат дека покрај секој друг третман, дополнителна порција или јадењето две риби неделно може да бидат корисни“, порачал Рејн. Кога ќе се земат предвид и доказите дека додатоците во исхраната на база на рибино масло го намалуваат ризикот од срцев удар, мозочен удар и други кардиоваскуларни проблеми, се чини дека додавањето омега-3 масни киселини во исхраната нуди бројни придобивки.
„Омега-3 масните киселини не се магично стапче што целосно ќе го реши проблемот со насилството во општеството“, заклучува Рејн. „Но, дали можат да помогнат? Врз основа на овие наоди, цврсто веруваме дека можат и треба да почнеме да ги применуваме новите сознанија што ги имаме.“
Извор: Индекс.хр