Необичен момент се случил на лет на британската компанија easyJet, а сè било снимено во видео објавено на TikTok од корисникот @joe_rtm. Клипот собра повеќе од 868.000 прегледи, а членот на екипажот доби бројни признанија за својот хумор и оригиналност.
Видеото започнува со снимка од патник на седиштето, а потоа гласот на членот на екипажот се слуша преку системот за јавно разгласување. „Летам 30 години и пред неколку недели пробав нешто ново за да му помогнам на екипажот побрзо да го подготви авионот за следниот лет“, објасни тој. Други корисници на TikTok открија дека станувало збор за водач на кабинскиот екипаж. „Тоа е Мајк од easyJet, кабински персонал, одличен човек“, напиша еден.
Потоа стјуардот ги поканува патниците да му се придружат во она што тој го нарекува „воздушен аеробик“.
Необичен метод
Во следното видео, стјуардот ги води патниците низ серија едноставни движења. „Заробени сте на вашето седиште три до четири часа, па би сакал сите да ги кренете рацете во воздух“, се слуша како вели.
Додека видеото прикажува авион полн со луѓе со кренати раце, стјуардот ентузијастички продолжува: „Наведнете се десно, потоа лево. Сега наведнете се напред, допрете ја главата, носот, рамената, колената. А сега и прстите на нозете.“
Потоа следува неочекуван пресврт. „И додека сте така свиткани, во џебот на седиштето пред вас, ќе најдете безбедносна картичка. Ве молам извадете ја и мавтајте ја во воздух како да не ви е гајле“, вели тој со смеа. Тој ја завршува вежбата со последна инструкција: „Вратете ја картичката во џебот на седиштето, со знакот „безбедност во авионот“ свртен кон вас. Ставете ја пред другата литература. Верувале или не, ова го намали времето за подготовка на авионот за седум минути. Ви благодарам многу за вашата помош.“
@joe_rtm #UnexpectedMidFlight #ThisWasNotInThePlan #WildFlightMoment #POVYoureOnThisFlight #notyouraverageflight #viral #jet2 #jet2holidays ♬ original sound - Joe.rtm
Корисниците на TikTok го изразија своето воодушевување во коментарите. „Ова е хистерично! Ставањето на безбедносните картички однапред навистина го намалува времето за подготовка“, напиша еден корисник на Тикток. „Апсолутно брилијантно“, додаде друг. Патник кој бил на тој лет, исто така одговорил: „И јас го правев тоа! Беше многу забавно.“