Доналд Трамп сака Инфантино да застане на чело на Обединетите нации

22.07.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Доналд Трамп сака Инфантино да застане на чело на Обединетите нации

Според американскиот весник „Њујорк пост“, претседателот на САД, Доналд Трамп, наводно сака претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, да го наследи Антонио Гутереш на функцијата генерален секретар на Обединетите нации.

Според извори блиски до Трамп, американскиот претседател смета дека Инфантино „ужива почит кај луѓето ширум светот“ и поседува единствена способност да ги обединува различните страни.

Мандатот на актуелниот генерален секретар на ОН се ближи кон крајот, а оваа година треба да се избере нов челник на организацијата. За да ја обезбеди таа функција, на Инфантино би му била потребна поддршката од Советот за безбедност на ОН, кој брои 15 члена, вклучувајќи пет постојани членки со право на вето.

Потоа, за именувањето би била потребна потврда од Генералното собрание на ОН. Сепак, засега не е познато дали Инфантино воопшто размислува за премин во Обединетите нации или дали разговарал за таа идеја со Трамп.

Паоло Ѕамполи, италијанско-американски бизнисмен и специјален пратеник на Трамп за глобални партнерства, ја пофали идејата, тврдејќи дека Инфантино би можел успешно да ја извршува таа улога. „Тој би завршил одлична работа. Луѓето го сакаат, а постојат и одредени сличности меѓу улогите на претседател на ФИФА и генерален секретар на ОН“, изјави Ѕамполи.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата