Премиерот на Малезија, Анвар Ибрахим, на почетокот од тридневниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Асоцијацијата на држави од Југоисточна Азија (АСЕАН), изјави дека глобалната трговија се користи како оружје за вршење притисок.
Тој го повика АСЕАН да соработува за да се одговори на трговските закани.
- АСЕАН мора да биде меѓу оние кои се залагаат за правилата, дури и кога другите избираат да се повлечат, посочи Ибрахим, додавајќи оти кохезијата на Асоцијацијата „не смее да заврши со декларации“.
Тој ги повика земјите-членки да ја зголемат меѓусебната размена и да ја намалат стратешката зависност од надворешни сили, како и да останат посветени на трговијата базирана на правила.
На 58-иот состанокот на шефовите на дипломатијата на АСЕАН планирано е да се разговара за американските царини и за заканите за нивно зголемување од 1 август.
Дел од земјите-членки на АСЕАН имаа билатерални разговори со САД, а можно е да се одржи самит АСЕАН-САД до крајот на годината со цел да се изнајде заеднички став.
Договор за намалување на царините досега постигна само Виетнам, а со нови царини се соочуваат Тајланд, Камбоџа, Индонезија, Малезија, Лаос и Мјанмар.
На состанокот на АСЕАН ќе се разговара и за политичките предизвици во Југоисточна Азија – граѓанската војна во Мјанмар и граничниот спор помеѓу Тајланд и Камбоџа.
По состанокот планирани се средби со главните трговски партнери на АСЕАН, меѓу кои САД, Кина, Јапонија, Русија и ЕУ.
Во Куала Лумпур ќе присуствува и американскиот државен секретар Марко Рубио, кој утре ќе преговара со колегите од АСЕАН. Тоа ќе биде негова прва официјална посета на Азија.
Исто така на во Малезија се и министрите за надворешни работи на Кина и на Русија, Ванг Ји и Сергеј Лавров.
АСЕАН, е организација за политичка, економска и културна соработка помеѓу земји од Југоисточна Азија, формирана на 8 август 1967 година, на иницијатива на Индонезија, Малезија, Филипини, Сингапур и Тајланд. Подоцна им се приклучуваат Брунеи, Камбоџа, Лаос, Мјанмар и Виетнам. АСЕАН одржува самит секоја година, а комуникацијата се одвива на англиски јазик.