Вчера попладне, властите пронашле мртво бебе на возраст од околу 5-7 месеци, а недалеку од него и тело на жена. Околностите под кои биле оставени во паркот сè уште се обвиткани во мистерија, објави Анса.
Телото на бебето, со светла кожа и црна коса, е пронајдено покрај жива ограда од грмушки, во близина на еден од влезовите од булеварот „Виторио Нени“ до паркот. Местото се наоѓа недалеку од Фонтана дел Џиљо и покрај патека низ која секојдневно минуваат стотици тркачи и посетители на паркот. Телото го забележале минувачи кои веднаш ја известиле полицијата.
Доцна синоќа, на околу стотина метри од местото каде што беше пронајдено телото на бебето, полицијата откри уште едно тело – жена чие тело беше завиткано во вреќа. Полицијата за ова беше известена од група перуански жени кои играле одбојка во близина. Мирисот од вреќата ги натерало да ја проверат содржината, од која штрчела човечка рака. Истражителите подоцна потврдија дека телото на жената е во напредна фаза на распаѓање.
Припадници на криминалистичката полиција и пожарникарите веднаш пристигнаа на местото на настанот. Точните причини за смртта на двете жртви сè уште не се утврдени. Се претпоставува дека смртта на бебето се случила во последните часови, додека телото на жената било на тоа место многу подолго. На телото на детето не се пронајдени видливи повреди, освен рани на десната рака и дланката. Нарачани се ДНК тестови за да се утврди идентитетот на жената и можната врска меѓу двете - мајка и ќерка.
Просторот околу местото на настанот е блокиран и ќе остане така и во наредните денови, бидејќи истрагата сè уште се во тек. Дел од паркот е достапен за возила, а според истражителите, телата веројатно биле префрлени незабележано во текот на ноќта.
Полицијата ги прегледува снимките од безбедносните камери од околните населби Монте Верде и Аурелио во потрага по траги. Засега, можноста за двојно убиство не е исклучена, но истрагата продолжува во сите правци.
„Вила Памфили“ е најголемиот по површина парк во Рим. Илјадници жители на главниот град редовно трчаат, прават пикник, шетаат или играат фудбал и одбојка таму.
Паркот е именуван по истакнатото семејство Памфили. Во 1630 година, Панфило Памфили купил лозје и мала куќа наречена „казино“. Кога Џовани Батиста Памфили станал папа под името Инокентиј III во 1644 година, на имотот на семејството биле додадени нови делови. Автори на вилата, која наликува на мал замок, се Алесандро Алгарди и сликарот Џовани Франческо Грималди.
Во исто време, било изградено таканареченото Казино дел бел респиро, дизајнирано како место за изложување антички скулптури. Во 1849 година, „Вила Памфили“ станала и место на крвави битки за одбрана на Римската Република од силите на Наполеон III.
Во 1960 година, паркот бил пресечен од олимпискиот пат изграден за Олимписките игри во Рим. Паркот станал сопственост на Градскиот совет на Рим, кој го отворил за јавноста во 1971 година.