Утврден ставот на Советот на ЕУ за Буџетот на Унијата за 2026 година

10.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Утврден ставот на Советот на ЕУ за Буџетот на Унијата за 2026 година

- Во светот што се менува, потребна ни е силна Европа. За да го направиме тоа, потребен е заеднички Буџет што ги поддржува нашите заеднички приоритети, а истовремено овозможува простор за справување со неочекувани предизвици, изјави дански министер за финансии Николај Вамен, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ. 

Вамкен, кој е главен преговарач за Советот за буџетот во меѓуинституционалниот „тријалог“ за Буџетот за 2026 година, додаде дека е охрабрен од денешната одлука, што му обезбедува „солиден мандат“ за претстојните преговори.  

Во договорот на Советот на ЕУ се нагласува важноста од донесување на Буџет на Унијата за 2026 година кој ќе биде соодветен за спроведување на политиките и програмите на блокот и ќе му овозможи справување со тековните кризи и предизвици, како што се состојбите во Украина и на Блискиот Исток, зајакнувањето на одбранбената подготвеност на Европа и соочување со мигрантските притисоци. 

- Советот смета дека буџетот за следната година треба да овозможи доволно резервни средства за справување со непредвидени кризи и околности. Во исто време, буџетот за 2026 година треба да обезбеди доволно ресурси за да се овозможи веќе преземените обврски да се платат навремено, посочи Советот на ЕУ. 

Според буџетската методологија на ЕУ, расходите на Буџетот се делат на „обврски“ и „исплати“. Обврските се дефинирани како законски задолженија за издвојување средства за активности кои се спроведуваат во текот на неколку финансиски години, додека исплатите се трошоци предвидени со Буџетот само за тековната година. 

Врз основа на договорот, Советот на ЕУ треба да ги започне преговорите со Европскиот парламент по Нацрт-буџетот на Унијата за 2026 година предложен од Еврокомисијата. Законскиот рок за постигнување конечен договор за Буџетот на ЕУ за следната година истекува на полноќ на 17 ноември 2025 година.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата