Утре почнува Светскиот економски форум во Давос

18.01.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Утре почнува Светскиот економски форум во Давос

Од утре до 23 јануари во Давос ќе се одржи 56-от годишен состанок на Светскиот економски форум (WEF) под слоганот „Духот на дијалогот“ и ќе ги собере светските лидери од политиката, бизнисот, граѓанското општество и академската заедница, со цел преку дијалог да се одговори на клучните глобални предизвици и да се утврдат приоритетите за следниот период.

Ќе присуствуваат околу 3.000 учесници од 130 земји во алпското одморалиште оваа година, ќе има речиси 400 високи политички функционери, вклучувајќи околу 65 шефови на држави и влади како и 850 извршни директори и претседатели на водечките светски компании.

Форумот ќе започне неформално со концерт за учесниците во 18 часот и состанок, од 18:30 часот, насловен како „Отворен форум: Каква година сакаме во 2050 година?“ (Open Forum: Which 2050 Do We Want?).

За првпат по шест години, американскиот претседател Доналд Трамп повторно ќе биде таму - на неговата трета посета на форумот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, германскиот канцелар Фридрих Мерц, францускиот претседател Емануел Макрон и израелскиот претседател Јицак Херцог, исто така, го потврдија своето учество. Таму ќе биде поставен нов рекорд - никогаш порано толку многу ВИП личности не сакале да присуствуваат на годишниот состанок на светската економска и политичка елита. 

Безбедносните мерки се исклучително високи. Воздушниот простор околу Давос е затворен во радиус од 46 километри. Борбени авиони, хеликоптери и авиони на швајцарската армија се во постојана готовност.

Повеќето гости пристигнуваат со приватни или владини авиони на аеродромот во Цирих, додека некои пристигнуваат и на воениот аеродром во Дибендорф. Патувањето од аеродромот во Цирих до Давос е со лимузина, воз или хеликоптер. Транспортот е прилагоден на статусот на гостите.

Воздушниот простор над Давос ќе остане затворен. Исклучоци се летовите за набљудување и воздушниот транспорт, вклучително и за лица заштитени со меѓународното право.  За безбедноста на уќчесниците и жителите на Давос, полициски сили од цела Швајцарија се распоредени во малото гратче.

На прес-конференцијата во петокот, полковникот Валтер Шлегел, полициски командант на кантонот Граубинден, изјави: „Живееме во турбулентни времиња. Времиња на големи предизвици“. Постои зголемена терористичка закана низ целиот свет, што важи и за Швајцарија.

Полицијата ќе биде поддржана од швајцарската армија за време на петдневниот настан. Ќе обезбеди до 5.000 војници, вклучувајќи припадници на воздухопловните сили, логистичка база, специјални сили, кибер експерти и војници за заштита од нуклеарни, биолошки и хемиски напади.

Во областа Давос, полицијата и армијата поставија пет затворени области, таканаречени безбедносни зони. Се користат и системи за идентификување и одбивање на беспилотни летала. Светскиот економски форум работи со најсовремените достапни системи, вели Шлегел.

Генералот на армијата Маурицио Датрино додаде дека не само воздушниот простор ќе биде обезбеден, туку и мрежата, имено од страна на кибер-одделот на армијата. Токму на време за СЕФ, се зголемуваат и кибер-нападите врз веб-страниците на швајцарската влада. Минатата година, проруска хакерска група ја презеде одговорноста за таков напад: беа нападнати веб-страниците на разни општини, кантони, банки и федералната влада. 

Оваа година беа дозволени и неколку демонстрации. Гарантирањето на слободата на демонстрации и изразување беше задача на кантоналната влада, вели Валтер Шлегел. Тука спаѓаат митинзите во Предигау и Давос - сабота и недела, организирани од младинското крило на швајцарските социјалисти (Јусо), меѓу другите. Планирани се и други демонстрации.

Швајцарските власти трошат до 41 милион франци годишно за безбедноста. Голем дел од трошоците ги сносат самите швајцарски даночни обврзници.

Тие безбедносни трошоци не ги вклучуваат трошоците што ги сносат самите странски делегации. На пример, американскиот претседател Доналд Трамп патува во Швајцарија со голема делегација. Финансискиот портал Quartz процени дека последната посета на американскиот претседател на Давос во 2020 година чинела 3,4 милиони долари само за изнајмување автомобили и хотели. Летот со Ерфорс Уан и со хеликотер до Давос чинеле 2,2 милиони долари.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата