-Можеби ќе разговарам со него во одреден момент. Во моментов не разговараме, рече Трамп, повторно критикувајќи ја судската постапка против поранешниот десничарски претседател Жаир Болсонаро.
Лула во интервју за телевизијата „Рекорд“ рече дека „прво ќе се обидеме да преговараме, но ако нема преговори, ќе се примени законот за реципроцитет.“
Бразилската влада предвиде дека царините ќе имаат мало влијание врз економскиот раст оваа година, кој очекува да достигне 2,5 проценти, бидејќи само некои специфични производствени сектори ќе бидат силно погодени.
САД се главен увозник на бразилска нафта, производи од челик, пулпа, кафе, сок од портокал и говедско месо, за кои бразилската Влада вели дека може да најде нови купувачи.
„Со оглед на ова сценарио, влијанието на царините има тенденција да биде од мало значење за растот во 2025 година, иако некои производствени сектори би можеле да бидат особено погодени“, се наведува во извештајот на бразилското Министерство за финансии.
Британските медиуми наведуваат дека тоа се однесува најмногу на воздухопловната индустрија, каде што САД учествуваат со голем дел од приходите на производителот на авиони „Ембраер“, и машините за производство на енергија.
Бразилскиот министер за економска политика, Гилермо Мело, изјави дека дури и да се почувствуваат некои ефекти, тие нема да бидат толку релевантни како порано, додавајќи дека Бразил успеал да ги диверзифицира своите трговски партнери во последните две децении.
Околу 12 проценти од извозот на Бразил оди во САД, додека Кина, главниот трговски партнер, учествува со околу 28 проценти. Кабинетот на Лула претходно објави дека бразилската Влада ќе формира работна група која ќе одлучи како да одговори на најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе воведе данок од 50 проценти на увозот на бразилска стока од 1 август, пренесуваат британските медиуми.
Трамп оваа одлука ја изнесе во писмо објавено на социјалната мрежа „Truth Social“ испратено до бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва, во кое се наведува дека новата тарифа ќе биде воведена „независно од постојните секторски тарифи“.
Во истата порака, американскиот претседател ја изрази својата поддршка за поранешниот претседател на Бразил, Жаир Болсонаро, нагласувајќи дека начинот на кој Бразил се однесува кон него е „меѓународен срам“, додавајќи дека таканаречениот „лов на вештерки треба веднаш да престане“.