Седумнаесет европски земји и ЕУ длабоко загрижени поради репресијата во Грузија

12.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Седумнаесет европски земји и ЕУ длабоко загрижени поради репресијата во Грузија

- Нема да се двоумиме да го искористиме целиот спектар на еднострани и мултилатерални мерки што ни стојат на располагање доколку грузиските власти продолжат да преземаат мерки што ја поткопуваат демократијата и човековите права во Грузија, се наведува во денеска објавеното заедничко соопштение.

Потписници на соопштението се министрите за надворешни работи на Белгија, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Исланд, Ирска, Летонија, Литванија, Холандија, Норвешка, Полска, Шпанија, Шведска, Велика Британија и високата претставничка на ЕУ.

Најмалку пет грузиски опозициски личности беа осудени во последните недели поради одбивање да сведочат пред парламентарниот комитет што истражува можни злоупотреби извршени за време на владеењето на претседателот Михаил Сакашвили (2004-2013), кој е во затвор од 2021 година.

Како што се наведува во соопштението, овие осуди се мотивирани од „политички мотиви чија јасна цел е да се задуши политичката опозиција во Грузија, само неколку месеци пред локалните избори“.

Оваа репресија „придонесува за демонтирање на демократијата во Грузија и нејзина брза трансформација во авторитарен режим“, се оценува.

Тоа веќе „резултираше со значително влошување на нашите односи, вклучувајќи намалување на помошта за Грузија и соработката со грузиските власти“, пишува во соопштението, а Европејците сметаат, како што се додава, дека не е „доцна да се промени курсот“.

За да го сторат тоа, грузиските власти мора „веднаш да ги ослободат неправедно притворените политичари, новинари и активисти, да го поништат своето репресивно законодавство и да отворат национален дијалог“.

Грузија е во политичка криза од победата на партијата Грузиски сон на парламентарните избори во октомври 2024 година, која опозицијата ја отфрли, сметајќи го гласањето за наместено.

Кон крајот на ноември 2024 година, владата објави дека го суспендира процесот на пристапување кон Европската унија, што предизвика големи протести на опозицијата кои владата насилно ги задуши, со закани и апсења на активисти и демонстранти.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата