Динамичниот систем на бури што може да предизвика моќни торнада и град со големина на безбол топки доби релативно ретка ознака од синоптичарите: „висок ризик“ за тешки временски услови.
Вчера, најекстремни временски услови беа забележани во делови од Мисури, Ајова и Илиноис, додека денеска бурниот систем се движи кон јужните држави, вклучувајќи ги Луизијана, Мисисипи и Алабама.
„Во сабота попладне и навечер се очекуваат повеќе значајни торнада, некои со долга патека и голема сила“, се наведува во прогнозата на Федералниот центар за следење на бури.
Центарот користи петстепена скала за предупредување за екстремни временски услови, при што највисокиот ризик е означен со пурпурна боја. За денеска, оваа зона со „висок ризик“ ги опфаќа делови од Мисисипи и Алабама.
Ознаката „висок ризик“ се користи кога се очекуваат „многубројни интензивни и долготрајни торнада“ или грмотевични бури со урагански налети на ветер што можат да предизвикаат големи штети.
На 6 мај 2024 година, ваква ознака беше доделена за делови од Канзас и Оклахома, со предупредување за „повеќе значајни торнада со долги патеки“. Прогнозата се покажа точна, бидејќи десетици торнада го погодија регионот, а еден од најсилните помина низ градот Барнсдал, Оклахома, уништувајќи бројни домови. /МИА