Претседателот на САД, Доналд Трамп вчера имаше средба со лидерите на петте централноазиски држави во Белата куќа, која беше фокусирана на ретките минерали и проширување и обезбедување на американските синџири на снабдување преку нови глобални договори.
Средбата на Трамп со лидерите на Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан е во време кога САД се обидуваат да го прошират своето влијание во регионот богат со ресурси, долго време доминиран од Русија, а сега и под посебно внимание од Кина.
Трамп посочи дека Централна Азија е „исклучително богат регион“ со ретки метали потребни за високотехнолошки уреди, вклучувајќи паметни телефони, електрични автомобили и борбени авиони. Тој додаде дека е решен да го зајакне партнерството на САД со централно азиските држави.
Вашингтон бара нови начини да ја заобиколи Кина во однос на критичните ретки минерали, а Централна Азија има големи резерви. Но, на регионот му се потребни инвестиции за да продолжи да ги развива своите ресурси.

