ЕУ во обид да ја разубеди Белгија да се согласи на користење на замрзнатите руски средства

7.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ЕУ во обид да ја разубеди Белгија да се согласи на користење на замрзнатите руски средства

За одобрување на ваквиот заем се расправаше на последниот Самит на ЕУ кон крајот на минатиот месец во Брисел, но одлука за тоа не беше донесена поради противењето на Белгија, која изрази сомнежи околу легалноста на таквата постапка.  

Целата на денешната средба, според најавите, е да биде отстранета загриженоста на Белгија за финансиските и правните ризици од користењето на замрзнатите руски средства, што Москва го оцени како „целосна кражба“. 

Извори во ЕК посочуваат дека засега се водат само „технички разговори“ и дека во моментов не се планирани „политички состаноци на високо ниво“, иако претставници на двете страни се во редовен контакт. 

Целта на планот на ЕК е да се искористат околу 140 милијарди евра од замрзнати руски средства во ЕУ за исплата на финансиска поддршка на Украина за 2026 и 2027 година, во форма на позајмица, која Киев би ја вратил откако Москва би му исплатила воени репарации. 

Најголемиот дел од замрзнатите руски суверени средства или околу 175 милијарди евра се депонирани во клириншката куќа „Еуроклир“ со седиште во Брисел, па белгиската Влада стравува дека користењето на овие средства би можело да го наруши угледот на Белгија како сигурен депозитар и да резултира со повлекување на депонираните странски средства во земјата.  

Но, од друга страна, замрзнатите руски средства во Белгија на белгискиот државен буџет му носат годишен приход од околу 1,25 милијарди евра по основа на корпоративен данок. Со искористување на дел од замрзнатите средства, Белгија би останала со помал приход од наплатата на данокот за нив.  

Целта на „техничките разговори“ меѓу претставници од буџетските и економските оддели на Комисијата и на Белгија, е да се убеди белгиската Влада дека земјата нема да биде оставена сама, доколку Москва покрене правна постапка против земјата поради користењето на замрзнатите руски средства или доколку евентуално се бара од неа да и исплати обесштетување на Русија. 

ЕУ е под притисок да обезбеди средства за поддршка на Украина најдоцна до крајот на февруари следната година, за што смета дека „најбезболно“ решение е користење на замрзнатите руски активи. Во спротивно, потребните пари ќе треба да ги „донираат“ земјите членки од своите национални буџети, што нема да им се допадне на најголемиот дел од нив. 

Притисокот врз Белгија да даде „зелено светло“ за користење на руските средства, доаѓа во време кога земјата е пред можна политичка криза, бидејќи партиите од владината коалиција не можат да се усогласат околу буџетот за идната година. Белгискиот премиер, Барт де Вевер вчера најави дека остава краен рок до Божиќ (25 декември) за постигнување на договор за буџетските трошоци или во спротивно ќе поднесе оставка.  

Несогласувањата меѓу партиите се околу начините како буџетските трошоци до 2030 година да се намалат за 10 милијарди евра, а тоа да не биде преку дополнително кратење на издвојувањата за социјални давачи. 

Од друга страна, некои белгиски локални медиуми шпекулираа дека зачестената појава на неидентификувани дронови над аеродроми, воени бази и други критични објекти во Белгија, би можело да биде „тактика за заплашување поврзана со дебатата за замрзнатите средства“.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата