Белгија и Холандија бараат кратење на фондовите за земјите што не ги почитуваат правилата за азил на ЕУ

7.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Белгија и Холандија бараат кратење на фондовите за земјите што не ги почитуваат правилата за азил на ЕУ

Белгија и Холандија упатија писмо до еврокомесарот за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер со кое бараат Европската комисија да им ја ускрати помошта на оние земји што не ги почитуваат правилата за азил на ЕУ, познати како Даблинска конвенција. 

Според одредбите од Даблинската конвенција, одговорност за обработка на барањето за азил има првата државата од ЕУ во кој влегол апликантот. Противниците на ова правило тврдат дека на тој начин целиот товар околу прифаќањето на мигрантите паѓа на државите на надворешни граници на ЕУ, како Грција, Италија и Шпанија. За да се надмине овој „недостиг“, со новиот Пакт за миграција на ЕУ се предвидува воспоставување на систем за прераспределба на азилантите низ сите членки од блокот, но и натаму останува правилото за „прва држава“.  

Во своето писмо, Белгија и Холандија инсистираат почитувањето на правилата од Даблинска конвенција да биде услов за користење на средствата од солидарните фондови на ЕУ. 

- Целосното почитување на даблинскиот систем е предуслов, затоа што солидарноста мора да оди рака под рака со одговорноста, се наведува во писмото потпишано од белгиската министерката за азил, миграција, интеграција и урбана политика Анелин ван Босајт и холандскиот министер за надворешни работи, азил и миграција Давид ван Вил. 

Тие предлагаат и „замрзнатите средства“ од солидарните фондови наменети за земјите што „не ги исполнуваат или одбиваат да ги исполнат своите законски обврски“ за азилот да може да се пренасочат за потребите на другите членки на ЕУ. 

Во писмото се бара Комисијата да обезбеди „значителен напредок“ во спроведувањето на Даблинската конвенција до стапувањето во сила на Пактот за миграција на ЕУ во јуни 2026 година, како и да ги идентификува „системските недостатоци“ во националните системи за азил на земјите члени. 

Белгија и Холандија тврдат дека нивните системи за азил се под акутен притисок од секундарните мигрантски движења, односно од баратели на азил кои влегуваат во ЕУ преку некоја од „јужните земји“, но потоа се движат кон север. Според нивните податоци, речиси 60 отсто од апликациите за азил во двете земји се поднесени од вакви „секундарни“ мигранти, кои ги оптоваруваат нивните капацитети за прием на мигранти и јавните услуги. 

Барањето на Белгија и Холандија би можело одново да ги разгоре тензиите меѓу „северот“ и „југот“ на ЕУ. Земјите од северниот дел на блокот ги обвинуваат оние од јужниот, пред се Италија и Грција дека не ја почитуваат Даблинската конвенција и дозволуваат мигрантите да минат низ нивна територија и потоа да аплицираат за азил во некоја друга членка од ЕУ.   

Почитувањето на даблинските правила беше и една од темите на средбата на министрите на земјите членки задолжени за миграција, што се одржа минатиот месец во Луксембург. Во изјава при доаѓањето на средбата Ван Босајт изјави дека сите членки мора да ги почитуваат правилата од Даблин, што беше протолкувано како „забелешка“ на сметка на Рим и Атина. 

Белгија беше и меѓу групата земји членки кои минатиот месец побараа воспоставување на координиран систем на ниво на ЕУ за депортирање на мигрантите од Авганистан, кои не ги исполнуваат условите за стекнување на право за легален престој или кои со своите криминални активности се сметаат за закана за јавниот ред. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата