Околу дваесетина пожари, поттикнати од 16-дневниот топлотен бран, опустошија повеќе од 115.000 хектари во регионите Галиција и Кастиља и Леон во текот на изминатата недела.
-Ова е ситуација со пожари каква што не сме виделе 20 години, изјави министерката за одбрана Маргарита Роблес.
„Пожарите имаат посебни карактеристики како резултат на климатските промени и овој огромен топлотен бран“, додаде таа.
Шпанската армија распореди 1.900 војници за да им помогнат на пожарникарите.
Автопатите се затворени, а железничкиот сообраќај е нарушен во областа, како и Камино де Сантијаго, древна поклоничка патека по која илјадници луѓе одат во лето.
Рутата ја поврзува Франција со градот Сантијаго де Компостела на западниот врв на Шпанија, каде што се вели дека се наоѓаат останките на апостолот Свети Јаков. Властите во регионот Кастиља-Леон ја затворија рутата во област помеѓу градовите Асторга и Понферада, на околу 50 км еден од друг, и им кажаа на планинарите да „не ги ставаат своите животи во опасност“.
Досега загинаа четворица пожарникари.
Министерството за внатрешни работи вели дека 27 лица се уапсени, а 92 се испитуваат под сомнение за палење од јуни.
Јужна Европа доживува една од најлошите сезони на шумски пожари во последните две децении, а Шпанија е меѓу најтешко погодените земји.
Во Португалија, шумските пожари досега изгореа 155.000 хектари оваа година, според институтот за заштита на шумите ИЦНФ - три пати повеќе од просекот за периодот помеѓу 2006 и 2024 година. Околу половина од таа површина изгоре во последните три дена.
Роблес рече дека ситуацијата веројатно нема да се подобри сè додека топлотниот бран, кој доведе до температури до 45 степени Целзиусови, не почне да се смирува до вечерва или утре.
Овој топлотен бран е трет најжежок од 1975 година, кога националната метеоролошка агенција почна да ги следи. Голем дел од земјата е под предупредувања за пожари.