Русите и Украинците договорија голема размена на заробеници

2.06.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Русите и Украинците договорија голема размена на заробеници

Втората рунда мировни преговори меѓу Русија и Украина, што се одржа денес во Истанбул, заврши помалку од еден час по почетокот, соопштија турски претставници, еден ден по големиот напад со беспилотни летала на Украина врз руските воздухопловни сили и стратешки бомбардери.

Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров изјави по разговорите во Истанбул со руските преговарачи дека страните се согласиле за размена на заробеници, која ќе се фокусира на тешко повредените и оние под 25 години.

Во разговор со новинарите во Истанбул, Умеров, кој беше главен украински преговарач, рече дека како дел од размената, ќе бидат репатрирани и останките на паднатите војници.

„Русија одби безусловно примирје“

Заменик-министерот за надворешни работи на Украина изјави дека Русија сè уште ја отфрла понудата за безусловно примирје.

Како прв чекор, Киев побара безусловно 30-дневно примирје, а Москва го поврза прекинот на огнот со услови како што се воздржување на западните земји од испорака на оружје на Украина.

Разговорите, втор ваков директен контакт меѓу двете страни од 2022 година, започнаа речиси два часа подоцна од планираното, без да се даде објаснување за доцнењето.

Историски удар за Русија

На почетокот од разговорите, Русите го искажаа својот гнев на социјалните медиуми, додека влијателните воени блогери ја повикаа Москва силно да возврати против Киев откако Украина во неделата започна еден од своите најамбициозни напади во војната досега, таргетирајќи руски бомбардери со долг дострел способни да носат нуклеарно оружје во Сибир и на други места.

Украина и Русија издадоа сосема различни проценки за штетата на руската бомбардерска флота, клучен елемент во нејзиниот нуклеарен арсенал, но од јавно достапните сателитски снимки беше јасно дека Москва претрпе сериозна загуба на воена опрема.

Во говорот во Литванија, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека двете страни подготвуваат нова размена на воени заробеници.

Поднесен список на киднапирани деца

Шефот на неговиот кабинет рече дека за време на денешните разговори, украинската делегација ѝ предала на Русија листа со имиња на депортирани деца кои Украина сака да ги врати дома.

Украинските власти велат дека руските сили насилно однеле стотици деца од украинска територија и сакаат тие да се вратат дома како дел од мировниот договор. Москва вели дека децата биле преместени за да ги заштитат од конфликтот.

Се очекуваше двете страни да разговараат за нивните дијаметрално спротивставени визии за тоа како треба да изгледа целосен прекин на огнот и долгорочен пат кон мир, во услови на континуиран притисок од американскиот претседател Доналд Трамп, кој посочи дека САД би можеле да ја напуштат својата посредничка улога доколку не се постигне напредок во разговорите.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата