Рускиот лидер Владимир Путин составува тим од искусни преговарачи со децениско искуство во дипломатијата на високо ниво за да се вклучат во преговори со претставници на американскиот претседател, кој се обидува да посредува за договор за ставање крај на војната во Украина.
Неименувани извори открија дека во преговарачкиот тим на рускиот претседател се Јуриј Ушаков, главниот советник за надворешна политика на Кремљ и Сергеј Наришкин, највисокиот разузнавач на Путин кој служел со него во КГБ, пишува Блумберг, а пренесува „European Justice“.
Потоа Кирил Дмитриев, финансиер образован на Стенфорд и Харвард, со врски со семејството на лидерот на Кремљ, може да игра клучна улога како неформален канал за комуникација со преговарачите на Трамп.
77- годишниот Ушаков беше помошник на Путин повеќе од една деценија и беше руски амбасадор во САД од 1998 до 2008 година, стекнувајќи длабоко знаење за тоа како да преговара со Вашингтон.
Седум години помладиот Нарашкин е долгогодишен доверлив човек на рускиот лидер и работи со него повеќе од четири децении.
Синоќа тој им изјави на новинарите дека Кремљ веќе им наложил на руските разузнавачки служби да ја обноват соработката со нивните американски колеги по телефонскиот разговор на Трамп со Путин еден ден претходно.
И Ушаков и Нарашкин инаку беа вклучени во преговорите за примирје со Украина веднаш откако Русија ја започна својата целосна инвазија во 2022 година.
А Кирил Дмитриев неодамна беше вклучен во преговорите за ослободување на американскиот учител Марк Фогел од руски затвор.