Првите разузнувачки податоци на европските влади го побиваат Трамп: Нуклеарните постројки во Иран не се уништени

26.06.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Првите разузнувачки податоци на европските влади го побиваат Трамп: Нуклеарните постројки во Иран не се уништени

Информациите сугерираат дека резерви од 408 килограми ураниум збогатени на нивоа блиски до оние потребни за нуклеарно оружје не биле во Фордо, еден од двата клучни објекти за збогатување на Иран, во времето на нападот минатата недела. Материјалот наводно претходно бил дистрибуиран на повеќе локации, објави ФТ.

Наодите фрлаат сомнеж врз тврдењето на американскиот претседател Доналд Трамп дека бомбардирањето ја „збришало“ нуклеарната програма на Иран. Трамп денес напиша на Truth Social, очигледно мислејќи на Фордо: „Ништо не е изнесено од тој објект. Ќе траело предолго, премногу опасно и премногу тешко за поместување!“

„Фордо не е уништен“

Истите извори рекоа дека европските влади сè уште чекаат детален разузнавачки извештај за вистинската големина на штетата во Фордо, објект изграден длабоко под планина во близина на светиот град Ком. Првичната проценка вели дека штетата е „обемна, но не е целосна - структурата не е уништена“.

Иранските власти соопштија дека резервите на ураниум биле преместени пред бомбардирањето на САД, кое следеше по неколкудневните израелски напади врз цели во Иран.

САД во неделата употребија специјално дизајнирани бомби за уништување бункери за да ги таргетираат Фордо и Натанц, другиот голем објект за збогатување ураниум во Иран. Во исто време, крстосувачки ракети беа испукани кон трет објект - Исфахан, кој се користи за конверзија и складирање на нуклеарно гориво. Трамп, исто така, ја отфрли прелиминарната проценка на американските разузнавачки служби објавена од американските медиуми, во која се сугерира дека програмата на Иран е забавена само за неколку месеци.

Од друга страна, Израелската комисија за атомска енергија оваа недела изјави дека заедничките напади на САД и Израел „значително ја забавиле способноста на Иран да развива нуклеарно оружје - со години“.

Но, експертите предупредуваат дека ако Иран сè уште поседува клучни залихи на збогатен ураниум и има напредни центрифуги на тајни локации, сè уште има капацитет да произведе фисионен материјал потребен за производство на нуклеарно оружје.

МААЕ: Тврдењата за целосно уништување се претерани

Рафаел Гроси, генерален директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), изјави за француското радио дека нуклеарната програма на Иран „претрпе огромна штета“, но дека тврдењата за нејзино целосно уништување се претерани.

Иран инсистира дека неговата програма е само за цивилни, мирни цели.

Фордо е главен објект за збогатување на ураниум до чистота од 60 проценти, само еден чекор поблиску до нивото потребно за нуклеарно оружје. Експертите велат дека спорните залихи од 408 килограми ураниум збогатен со 60 проценти биле распределени помеѓу Фордо, Натанц и Исфахан пред да избувне конфликтот, кога Израел му објави војна на Иран на 13 јуни.

Вкупните залихи на збогатен ураниум на Иран надминуваат 8.400 килограми, но поголемиот дел од материјалот е збогатен на пониски, технолошки помалку опасни нивоа.

Оштетени патишта, закопани влезови во тунели...

Сателитските снимки од Фордо по нападите во неделата покажуваат дека влезовите во тунелите веројатно се закопани со земја, а дупките во земјата се видливи, за кои се верува дека се предизвикани од ударот на американските бомби „бункер бустер“ од 13.600 килограми. Пристапните патишта се исто така оштетени.

Гроси откри дека иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, му испратил писмо на 13 јуни во кое ја предупредува МААЕ дека Иран ќе „преземе посебни мерки за заштита на својата нуклеарна опрема и материјали“.

Гроси додаде дека нуклеарните инспектори на ОН, кои не беа во можност да ги посетат објектите откако започна израелскиот напад, итно им е потребен пристап до инвентар на сите залихи на ураниум, особено клучните 408 килограми збогатен ураниум од 60 проценти.

Соединетите Американски Држави сè уште не споделиле дефинитивни разузнавачки податоци за преостанатите нуклеарни капацитети на Иран со своите сојузници од ЕУ, а нема јасна стратегија на САД за продолжување на односите со Техеран, рекоа три извори запознаени со разговорите.

Европската политика кон Иран во моментов е „на чекање“, рекоа изворите, во исчекување на нов дипломатски предлог на САД за решавање на нуклеарната криза. Тие додадоа дека разговорите меѓу Трамп и европските лидери оваа недела не дале ништо конкретно.

Администрацијата на Трамп пред војната водеше индиректни разговори со Техеран, надевајќи се дека ќе постигне договор што ќе ги ограничи нуклеарните активности на Иран.

Во среда, Трамп објави дека Вашингтон ќе разговара со Техеран следната недела, но во истата изјава тој исто така сугерираше дека договорот можеби повеќе нема да биде потребен по нападите врз нуклеарните постројки. „Целата ситуација е целосно непредвидлива“, заклучи еден од европските извори. „Засега - не преземаме никакви мерки“.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата