Премиерот извести за агресивните дејствија на тајландските вооружени сили против Камбоџа во пограничните области, особено во областите околу храмовите Тамоне Том, Та Крабеј и Мом Беј, во провинциите Преах Вихер и Одар Минчи.
-Од раните часови на 24 јули, тајландските вооружени сили извршија неиспровоцирани и намерни напади врз камбоџанските позиции по должината на границата, се вели во писмото.
Камбоџа силно ги осудува „агресивните дејствија, кои претставуваат сериозно кршење на основните принципи на меѓународното право, вклучувајќи ги принципите загарантирани во Повелбата на ОН и Повелбата на АСЕАН, и го нарушуваат територијалниот интегритет на земјата“.
„Како одговор на нападите, камбоџанските сили беа принудени да дејствуваат во самоодбрана“. Премиерот бара Тајланд веднаш да ги прекине непријателствата, да ги повлече своите трупи од граничните области и да се воздржи од понатамошни провокации.
Хун Сен потсети дека граничните спорови меѓу двете земји продолжуваат и покрај меѓународните договори потпишани во минатото, според кои двете земји се обврзуваат да ја решат границата врз основа на овие документи.
-Сегашната тензија произлегува од неосновани тајландски тврдења засновани на еднострано нацртани мапи што се спротивставуваат на меѓународните договори, се вели во писмото.
Камбоџа, исто така, ги отфрла како неосновани и лажни обвинувањата на Тајланд во врска со инцидент со мина во кој тајландска патрола отстапила од однапред договорената рута и влегла во опасна област на камбоџанска територија.
-Особено е вознемирувачки што нападите се случиле во време кога Камбоџа бара мирни и законски начини за решавање на спорот, вклучително и со поднесување тужба до Меѓународниот суд на правдата на 2 јуни 2025 година за четири спорни гранични области и организирање состанок на Заедничката гранична комисија во Пном Пен во јуни, вели тој.
Премиерот нагласува дека овие постапки на Тајланд сериозно го загрозуваат мирот и стабилноста во регионот и бара итен состанок на Советот за безбедност на ОН, како и писмото да се дистрибуира до сите негови членки како официјален документ.