За стотици милиони луѓе кои живеат во Индија и Пакистан, раното доаѓање на летните топлотни бранови стана застрашувачка реалност која ги тестира границите на издржливоста и врши огромен притисок врз изворите на енергија, клучните култури и средствата за живот.
И двете земји вообичаено доживуваат топлотни бранови во текот на летните месеци мај и јуни, но овогодинешната сезона на топлотни бранови пристигна порано од вообичаеното - и се предвидува дека ќе трае подолго.
Се очекува оваа недела температурите да достигнат опасни нивоа во двете земји, јавува CNN.
Пакистанската метеоролошка служба соопшти дека во делови од Пакистан ќе има температури до 8 Целзиусови степени над просекот помеѓу 14 и 18 април.
Слично е на живеењето во Долината на смртта во САД - најтоплото и најсувото место во Северна Америка - каде температурите често достигнуваат слични нивоа во текот на денот.
Ајуб Коса, кој живее во градот Дера Мурад Џамали во Балучистан, рече дека топлотниот бран пристигнал со „интензитет што затекна многумина без претпазливост“, создавајќи сериозни проблеми за жителите.
„Еден од главните проблеми се постојаните прекини на струја“, изјави Коса за Си-Ен-Ен, додавајќи дека прекините може да траат и до 16 часа на ден.
„Затоа влијанието на топлината е уште поизразено и на луѓето им е потешко да се справат со тоа“, додаде тој.
Соседна Индија, исто така, доживува екстремна топлина која пристигнала порано од вообичаено, а нејзиниот метеоролошки оддел ги предупредува деловите од земјата да се подготват за „натпросечен број денови со топлотен бран“ во април.
Максималните температури во главниот град Делхи, град со повеќе од 16 милиони жители, веќе трипати овој месец надминаа 40 степени Целзиусови - и до 5 степени над сезонскиот просек, според метеоролошкиот оддел. Голема жештина е забележана и во неколку соседни држави, вклучително и Раџастан на северозапад, каде работниците и земјоделците се борат да се справат, а извештаите за болести почнуваат да се појавуваат.
Некои делови на Раџастан денеска забележаа максимални температури до 44 Целзиусови степени, соопшти метеоролошкиот оддел.
Анита Сони од женската група Тар Махила Санстан рече дека овогодинешните горештини се многу полоши од претходните години и дека е загрижена како тоа ќе влијае на децата и жените во државата.
„Кога работниците или земјоделците излегуваат надвор, веднаш има недостиг на вода за пиење, луѓето често се чувствуваат мачнини, болки или вртоглавици“, рече таа.
Фармерот Балу Лал рече дека луѓето веќе се разболуваат работејќи во таа топлина. „Не можеме ни да издржиме, а камоли да работиме на овие температури“, рече тој. „Кога излегувам надвор, се чувствувам како луѓето да горат од топлината.“
Лал рече дека е загрижен за својата работа и за тоа како ќе обезбеди приходи за своето семејство. „Немаме каде на друго место да одиме“, рече тој.
Тестирање на границите на преживување
Експертите велат дека зголемените температури ја тестираат човечката издржливост.
Екстремните горештини убија десетици илјади луѓе во Индија и Пакистан во последните децении, а експертите за клима предупредуваат дека до 2050 година Индија ќе биде меѓу првите места во светот каде температурите ќе ги надминат границите на преживување.
За време на топлотните бранови, бремените жени и нивните неродени деца се особено изложени на ризик. „Имаме необјаснети загуби на бременост и предвремено породување“, рече Неха Манкани, советник во Меѓународната конфедерација на акушерки во Карачи.
„Во текот на летото, 80% од бебињата се раѓаат предвреме со респираторни проблеми поради временските услови. Исто така, гледаме зголемување на гестациската хипертензија, што може да доведе до прееклампсија – водечка причина за смртност на мајките.“
Индија и Пакистан - две земји со изразени развојни нееднаквости - се очекува да бидат меѓу најранливите на климатската криза, при што ќе бидат погодени животите на повеќе од милијарда луѓе на потконтинентот.
Последиците ќе бидат поразителни. Според Мехруниса Малик, експерт за климатски промени и одржливост од пакистанската престолнина Исламабад, очекуваните ефекти вклучуваат недостиг на храна, суши и поројни поплави поради топењето на мразот.
Заедниците кои немаат пристап до климатизација, соодветно домување и чии средства за живот зависат од природата ќе бидат многу посилно погодени, рече Малик.
„За земјоделците времето стана непредвидливо“, рече таа. „Главниот проблем е што температурите растат во време кога посевите се уште не се подготвени за берба. Тие почнуваат да созреваат порано, приносите се помали, а во овие сушни услови им треба повеќе вода... Ако растенијата се уште се млади, интензивната топлина речиси и да нема шанси за преживување.
Тофик Паша, земјоделец и еколошки активист од Карачи, рече дека летото сега започнува многу порано.
Неговата родна провинција Синд, која заедно со Белуџистан забележа некои од највисоките температури во светот во последниве години, претрпе голема суша во текот на зимските месеци, а малиот дожд доведе до недостиг на вода, рече тој.
„Ова ќе биде огромен удар за егзистенцијата на земјоделците“, рече Паша, објаснувајќи како температурите влијаат и на појавата на штетници. „Цветовите не можат да се оплодат, паѓаат, плодовите не растат, имате наезда од штетници кои ги уништуваат посевите, понекогаш станува премногу жешко... циклусите се нарушени. Производството на храна е сериозно погодено.
Топлотните бранови претходно ја зголемија побарувачката за електрична енергија, што доведе до недостиг на јаглен и остави милиони луѓе без струја. Возовите беа откажани за да се заштеди енергија, а училиштата беа затворени, што влијае на образованието.