„Словенија е европска земја која е предводник во поддршката на Палестина од почетокот на војната во Појасот Газа. Ја призна палестинската државност, воведе ембарго за извоз на оружје во Израел и увоз на производи од нелегални населби на окупираните територии и прогласи двајца министри од крајната десница во израелската влада за „персона нон грата“, рече Пирц-Мусар на безбедносниот форум во Блед.
Таа, ден претходно, повика Хрватска да ја признае и Палестина, велејќи дека ова е единствената значајна одлука ако се поддржи решението за две држави.
На панел од Стратешкиот форум во Блед словенечката претседателка денеска рече дека по правило, секогаш се обидува да ја види светлината на крајот од тунелот, но дека „воопшто не е оптимист во врска со Палестина“.
Пирц Мусар рече дека како правничка останува без зборови кога гледа колку не се почитува хуманитарното право и дека поради обвиненијата против израелските лидери САД ги санкционираше членовите на Меѓународниот кривичен суд, важна институција што Вашингтон помогна да се изгради,.
САД се единствените што можат да го сопрат Нетанјаху, нагласи словенечката претседателка и праша зошто ЕУ не разговара за тоа со американската администрација.
Како е можно да сме строги и обединети во една војна, а толку нерешителни во друга што боли, рече таа, осврнувајќи се на руската агресија врз Украина.
Ден претходно, во говорот на отворањето на Бледскиот стратешки форум, Пирц Мусар праша зошто светот реагираше на Сребреница, а молчи за Газа.
Нашиот став кон Газа покажува кои сме, тоа е симбол на нашиот став кон злосторствата низ целиот свет, рече таа вчера, предупредувајќи дека молчењето за хуманитарната катастрофа во палестинската енклава ја лишува Европа од легитимитет да зборува за други конфликти.