Според претставник од безбедносните служби, десетици сепаратисти од провинцијата Белуџистан разнеле железничка пруга и истрелале ракети кон возот.
Пакистанските власти објавија дека нападот врз возот е завршен и дека сите напаѓачи биле убиени.
Официјални лица од безбедносните сили изјавија дека биле спасени 300 заложници и дека операцијата сè уште трае, без да дадат детали за загинатите заложници.
Сепаратистите го нападнале возот со околу 450 патници вчера во тунел во оддалечен дел од Белуџистан.
Сепаратистичката група Белуџистанска ослободителна армија (БОА) ја презеде одговорноста за нападот. Нивен портпарол изјави дека се подготвени да ги ослободат патниците доколку властите ослободат нивни борци од затвор. Пакистанската влада не го коментираше ова барање.
Според официјалните извори, меѓу спасените има жени и деца, а во судирите загинале и неколку припадници на безбедносните сили.
Спасените патници биле испратени во нивните родни места, а повредените примиле медицинска помош во болниците во округот Мач, додека дел од нив биле пренесени во главниот град на провинцијата Квета.
Провинцијата Белуџистан, која граничи со Иран и Авганистан, долго време е жариште на бунтовнички активности. Локалните сепаратисти бараат поголема автономија и праведен дел од природните ресурси на регионот.